Исаија 32:1-20 MKDB2006 - Bible AI

1Ете, царот ќе царува по правда, а кнезовите ќе управуваат по закон;

2секој од нив ќе биде како заштита од ветар и засолниште за лошо време, како водни извори во степи, како сенка од висока карпа во пустина.

3И очите на оние што гледаат нема да им бидат затворани; ушите на оние што слушаат, ќе внимаваат.

4И срцето на лесномислените ќе умее да расудува; оние што говорат на нос, ќе говорат јасно.

5Безумникот нема повеќе да го на­рекуваат благороден, а за подмолниот нема да велат дека е честит.

6Зашто безумникот говори глупости и срцето негово мисли на беззаконие, за да дејствува лицемерно и да искажува хула против Господ, да ја лишува од леб душата на гладниот и да го одзема пие­њето од жедниот.

7Кај подмолниот и средствата се погибелни: тој прави стапици, за да го погуби сиромавиот со лажливи зборови, макар што сиромавиот и да е прав.

8А чесниот мисли на чесното и цврсто стои во сѐ што е чесно.

9Жени безгрижни, застанете, чујте го гласот Мој; ќерки немирни, приклонете го увото кон зборовите Мои.

10Уште една година и неколку дена, и ќе се ужаснете вие, безгрижни! Гроз­добер нема да има и време за жетва нема да настане.

11Стреснете се вие, безгрижни! Ужас­нете се вие, невнимателни! Соблечете се, оголете се и крстот препашете го со таговна облека.

12Тагувајте по прекрасните полиња, за родната лоза.

13Во земјата на народот Мој ќе растат трње и боцки; така ќе биде и во сите домови во градот што ликува;

14зашто дворците ќе запустат, шум­ниот град ќе биде напуштен; Офел и кулата ќе станат пештери — прибе­жиште на диви магариња и на стада што пасат.

15Додека не се излие врз нас Духот одозгора, и пустината не стане градина, и градината не почнат да ја сметаат за шума,

16тогаш ќе се воведе правда во таа пустина, и праведност ќе заживее во плодоносното поле.

17Дело на правдата ќе биде мирот, и плод на праведноста — трајно спокојство и сигурност.

18Тогаш народот Мој ќе живее во мирни живеалишта и во безопасни села и во пребивалишта на блажените.

19И град ќе паѓа врз гората; градот ќе слезе во долината[8].

20Блажени сте вие: ќе сеете при сите води и ќе испраќате таму и вол и магаре.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>