Исаија 33:1-24 MKDB2006 - Bible AI

1Тешко тебе, пустошнику, кој не си бил опустошуван; грабачу, што не си ограбуван! Кога ќе го завр­шиш опустошувањето, ќе бидеш опустошен и ти; кога ќе прекратиш со грабежите, и тебе ќе те ограбат.

2Господи, помилуј нѐ, на Тебе се надеваме! Биди наша поткрепа од рани зори и наше спасение во неволја!

3Од страшниот глас Твој ќе избегаат народите; кога ќе се кренеш, ќе се распрснат племињата,

4ќе го истребат пленот ваш, како што гасеница истребува; ќе се нафрлат врз неа, како што скакулци се нафрлуваат.

5Возвишен е Господ, Кој живее во висините; Тој ќе го исполни Сион со праведност и правда.

6Ќе настанат твоите безопасни вре­миња, изобилно спасение, мудрост и знаење; стравот од Господ ќе биде твоето богатство.

7Ете, нивните јунаци викаат по ули­ците; пратениците за мир горко плачат.

8Патиштата запустеа; патници веќе нема; договорот е прекршен, заклетвата е погазена, обзир нема кон никого.

9Земјата тагува, се суши; Ливан е посрамен, овенат; Сарон заприлега на пустина, а Башан и Кармил се оголени од лисјата свои.

10Сега ќе станам, вели Господ, сега ќе се издигнам, сега ќе се возвисам.

11Сено сте зачнале, слама ќе родите; дишењето ви е оган, кој ќе ве голтне.

12И народите ќе бидат како вар што врие, како пресечени трња ќе бидат изгорени во оган.

13Слушајте, вие, далечни, што ќе направам; и вие, блиски, познајте ја Мојата моќ.

14Се уплашија грешниците на Сион; морници ги обзедоа нечесните: „Кој од нас може да живее при оган што голта? Кој од нас може да живее при вечен пламен?“

15Оној, што оди во правда и говори вистина; кој презира печалба преку угнетување, ги воздржува рацете свои од поткуп, ги затина ушите за да не слуша за крвопролевање, и ги затвора очите да не го гледа злото,

16тој ќе живее на висините: засолниште му се непристапните карпи; ќе му се даде леб; водата негова нема да пресуши.

17Очите твои ќе го видат Царот во Неговата убавина, ќе гледаат непрегледна земја;

18само срцето твое ќе си спомни за ужасите: „Каде е оној, што пребројуваше? Каде е оној, што го одмеруваше данокот? Каде е оној, што ги надгледуваше кулите?“

19Нема повеќе да видиш народ свиреп, народ со неразбирлив збор, со јазик туѓ, несфатлив.

20Погледни го Сион, градот на ваши­те празнични собранија; очите твои ќе го видат Ерусалим, мирно живеалиште и непоколеблива скинија; столбовите нејзини никогаш нема да се помрднат, и ниедно од јажињата нема да се скине.

21Таму кај нас Великиот Господ ќе биде место реки, место широки канали; таму нема да влезе ниедна лаѓа со вес­ла, ниту ќе премине голем кораб.

22Зашто Господ е наш судија, Господ е наш законодавец, Господ е наш цар: Тој ќе нѐ спаси.

23Ослабнаа јажињата твои, не можат да ги додржат јарболите и да ги затегнат платната. Тогаш ќе има голем дележ на пленот, дури и сакатите ќе тргнат по грабеж.

24И ниеден од жителите нема да каже: „Болен сум“; а на народот што живее таму, ќе му бидат простени гревовите.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>