Исаија 34:1-17 MKDB2006 - Bible AI

1Пристапете, народи; слушајте и внимавајте, племиња! Нека слу­ша земјата и сѐ што ја исполнува, вселената и сѐ што се раѓа во неа!

2Зашто гневот на Господ е врз сите народи, а јароста Негова врз целата нивна војска. Тој ќе ги уништи, ќе ги предаде на погибел.

3И нивните убиени ќе бидат расфрлани, и од труповите нивни ќе се крене смрдеа; по планините ќе потече нивна крв.

4И ќе излезе сета небесна војска, и небото ќе се свитка како книжен свиток; сета војска нивна ќе падне, како што паѓа лист од лоза, како свенат лист од смоква.

5Зашто мечот Мој се опи на небото: ете, за суд слегува тој над Едом, за да биде казнет народот што го проколнав.

6Мечот Господов ќе се насити со крв, ќе се намрси од маснотија, од јагнешка и козја крв, од маснотиите на овнешки­те бубрези: зашто Господ има жртва во Восор, и голем колеж во земјата едом­ска.

7И биволи ќе паднат со нив и телиња заедно со волови, земјата ќе се опие од крвта нивна, а правот нивни ќе се намрси од маснотија.

8Зашто настапи денот за одмазда Господова, годината на отплата за Сион.

9И реките негови ќе се претворат во катран, а правот негов — во сулфур; и земјата негова ќе биде запален катран;

10нема да гасне ни дење, ни ноќе; и димот нејзин вечно ќе излегува, од род во род ќе остане запустена; никогаш нема да мине никој по неа.

11И ќе ја завладеат пеликани и ежови, буфови и гаврани ќе се населат во неа; и ќе протегнат по неа јаже за разорување и мера за уништување.

12Никој нема да остане таму од нејзините старешини, за да прогласуваат ца­реви; сите кнезови нејзини ќе бидат уништени.

13Дворците нејзини ќе обраснат со трње, а тврдините нејзини — со коприва и пиреј; таа ќе им биде живеалиште на чакалите, свртилиште на ноевите.

14Ѕверови пустински ќе се среќаваат со диви мачки, козли ќе се повикуваат еден со друг; таму Лилит[9] ќе се одмара и ќе наоѓа спокојство.

15Таму ќе свие гнездо буфот, ќе несе јајца, ќе веде малечки и ќе ги собира под сенката своја; таму и јастреби ќе се собираат еден со друг.

16Барајте во книгата Господова и прочитајте; ниедно од тие нема да одмине, едно со друго нема да се за­мени. Зашто самата Негова уста запо­веда, самиот дух Негов ќе ги собере.

17Зашто Тој Самиот им фрли ждрепка, Неговата рака ќе им ја раздели земјата со мерка; засекогаш тие ќе ја владеат, од род во род ќе живеат во неа.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>