1ⓝШтом го чу тоа царот Езекија, ја раскина својата облека и се покри со вреќиште, па отиде во домот Господов;
2ⓞги повика началникот на дворецот Елијаким, и писарот Севна, и старешините на свештениците, покриени со вреќишта кај пророкот Исаија, син Амоцов.
3ⓟИ тие му рекоа: „Вака вели Езекија: овој ден е ден на жалост, казна и срам, зашто новороденчињата дојдоа до отворот на мајчината утроба, но сила нема за раѓање.
4ⓠМожеби, Господ, твојот Бог, ќе ги чуе зборовите на Рапсак, кого асирскиот цар, негов господар, го прати да Го навредува живиот Бог и да се подбива со зборовите, кои ги чу Господ, твојот Бог; затоа принеси молитва за оние, што се уште живи.“
5И отидоа слугите на царот Езекија кај Исаија.
6ⓡИ им рече Исаија: „Вака кажете му на вашиот господар: вака вели Господ: не плаши се од зборовите што ги чу, со кои Ме навредуваат слугите на асирскиот цар.
7ⓢЕте, Јас ќе испратам во него дух, и тој ќе чуе вест и ќе се врати во земјата своја, и Јас ќе го погубам со меч во неговата земја.“
8ⓣТогаш Рапсак се врати и најде дека асирскиот цар војува против Ливна; зашто беше чул дека господарот негов се повлекол од Лакиш.
9ⓤИ тој чу за Тирхака, царот етиопски; нему му беа рекле: ете, тој излезе да војува со тебе. Кога го чу тоа, тој испрати гласници кај Езекија, велејќи:
10ⓥ„Вака кажете му на Езекија, царот јудејски: нека не те мами твојот Бог, на Кого се надеваш, велејќи: Ерусалим нема да биде предаден во рацете на царот асирски.
11ⓦЕте, ти си чул што направија асирските цареви со сите земји, ставајќи врз нив клетва; та ти ли ќе се избавиш?
12ⓧБоговите на народите, кои татковците мои ги разорија, ги спасија ли, го спасија ли Гозан и Харан, Рецеф и синовите на Еден, што се во Таласар?
13ⓨКаде е царот хаматски, и царот арпадски, и царот на Лаир, Сефарваим, Хена и Ива?“
14И го зеде Езекија писмото од рацете на пратениците и го прочита, па отиде Езекија во домот Господов и го отвори пред лицето Господово;
15потоа се помоли Езекија пред лицето на Господ и рече:
16ⓩ„Господи Саваоте, Боже Израелов, Кој седиш на херувими! Ти единствен си Бог на сите земни царства: Ти си ги создал небото и земјата.
17ⓐПриклони го, Господи, увото Свое и чуј; отвори ги, Господи, очите Свои и погледај, чуј ги зборовите на Сенахирим, кој испрати да хулат на Тебе, живиот Бог.
18Навистина, Господи, асирските цареви ги опустошија сите краишта и земјите нивни.
19ⓑТие ги изнафрлаа во оган боговите нивни; но тоа не беа богови, туку изработки од човечки раце, дрво и камен, затоа и ги уништија.
20ⓒИ сега, Господи, Боже наш, спаси нѐ од раката негова: тогаш ќе дознаат сите земни царства дека Ти, Господи, си единствен Бог.“
21ⓓИ испрати Исаија, синот на Амоц, до Езекија да кажат: вака вели Господ, Бог Израелов: „За она што ти Ми се молеше против Сенахирим, царот асирски, рацете
22ⓔеве го словото што Господ го изрече за него: ќе те презре, ќе ти се потсмее девицата, ќерката Сионова, ќе ја заниша главата по тебе ќерката ерусалимска.
23ⓕКого ти прекоруваше и навредуваше? Против кого го подигна гласот и ги крена толку високо очите свои? Против Светецот Израелов.
24ⓖПреку слугите свои ти Го прекоруваше Господа, велејќи: ‚Со множеството мои коли се искачив на врвот од планините, врз ребрата на Ливан, ги исеков високите негови кедри, убавите негови кипариси, и стигнав до самиот врв негов, и до горичката негова;
25ⓗи ископав и пиев вода; и со стапките на нозете свои ги исушив сите реки египетски.‘
26ⓘЗар не си чул дека Јас одамна го направив тоа, во стари дни го преднацртав, а сега го исполнив со тоа, што ти ги опустошуваш силните градови, претворајќи ги во купишта урнатини?
27ⓙЖителите нивни изнемоштеа; треперат и остануваат во срам; станале како трева по полето и нежно тревно растение, како тревки по покривите, свенати уште пред да пораснат.
28ⓚЌе седнеш ли, ќе излезеш ли, или ќе влезеш — Јас знам сѐ, ја знам и дрскоста твоја против Мене.
29ⓛЗа твојата дрскост против Мене и за тоа дека твојата надуеност дојде до ушите Мои, ќе ја ставам алката Своја во ноздрите твои и уздата Своја — во устата твоја; ќе те вратам назад по истиот пат, по кој си дошол.
30ⓜИ еве ти знак, Езекија: јадете го оваа година израснатото од паднатото зрно, а во другата година — самоизраснатото; на третата, пак, година, сејте и жнејте, садете лозја и јадете ги плодовите нивни.
31ⓝЗашто преживеаните во домот Јудин, тие што ќе останат, пак ќе пуштат корен долу и ќе дадат плод горе,
32ⓞзашто од Ерусалим ќе произлезе остатокот, и од градот Сион — спасението. Тоа ќе го изврши ревноста на Господ Саваот.“
33ⓟПоради тоа, вака вели Господ за асирскиот цар: „Нема да влезе тој во овој град, ниту ќе фрли таму стрела, и нема да се доближи до него со штит, ниту ќе ископа опкоп околу него;
34по кој пат дошол, по истиот и ќе се врати, но во тој град нема да влезе, вели Господ.
35ⓠЈас ќе го бранам овој град, за да го спасам поради Себе и поради Мојот слуга Давид.“
36ⓡТогаш излезе ангел Господов и погуби во асирскиот логор сто осумдесет и пет илјади души. Утредента станаа, и, ете, насекаде имаше само мртви тела.
37ⓢИ отстапи Сенахирим, царот асирски, та си отиде, се врати и живееше во Ниневија.
38И кога се поклонуваше во домот на својот бог Нисрох, синовите негови Адрамелех и Шарецер го убија со меч, а самите избегаа во Араратската земја. И место него стана цар синот негов Асар-Хадон.