Исаија 40:1-31 MKDB2006 - Bible AI

1Утешувајте го, утешувајте го Мојот народ, вели вашиот Бог;

2говорете му нежно на Ерусалим, и известете го дека времето на неговата казна се исполни дека за неправдата му е платено зашто од раката Господова доби двојно за сите свои гревови.

3Гласот на оној што вика во пустината говори: „Пригответе Му пат на Господ, исправете ги во пустината патеките за нашиот Бог;

4секој дол да се исполни, секоја пла­нина и рид да се снизат; кривините да се исправат, и нерамните патишта да би­дат израмнети;

5и ќе се јави славата Господова, и сите луѓе ќе го видат спасението од Бога; зашто устата Господова го изрече тоа.“

6Гласот говореше: „Разгласувај!“ и прашав: „Што да разгласувам?“ — „Секој човек е трева, сета убавина негова е како полско цвеќе.

7Тревата се исушува, цвеќето овенува, штом ќе дувне врз него здивот на Господ: така е и народот како трева.

8Тревата се суши, цвеќето свенува, а словото на нашиот Бог останува вечно.“

9Искачи се на високата гора Сион, ти кој јавуваш добри вести за Сион, извиши го силно гласот свој, благо­известителе Ерусалиме, подигни го, не плаши се. Кажи им на градовите Јуди­ни: еве Го вашиот Бог!

10Ете, Господ Бог иде со сила и раката Негова е со власт. Ете, наградата Му е со Него, а отплатата Му е пред лицето Негово.

11Како пастир ќе го пасе Тој стадото Свое: јагнињата ќе ги земе Тој во ра­цете и ќе ги носи на градите Свои, и грижливо ќе ги води доилките.

12Кој ги измерил водите со раката своја и со педа го измерил небото, и со мерка го измерил правот земен, кој ги измерил на терезија планините и ридовите?

13Кој го упатил Духот на Господ, и Му бил Нему советник и Го учел?

14Со кого се советувал Тој, и кој Го вразумувал и Го поучувал во патот на правдата, и Го учел на знаење и Му го покажувал патот на мудроста?

15Ете, народите се како капка од ведро, и претставуваат прашинка на терезија. Ете, островите Тој ги подига како прашинки.

16Ни Ливан не стигнува за жртвен оган, ни животните по него — за сепаленица.

17Сите народи пред Него се како ништо, — за Него се помалку од ништо, и помалку се од суетата.

18И така, со кого ќе Го споредите Бога, и каква подобност ќе Му најдете?

19Уметникот го излева идолот, а зла­тарот го покрива со злато и му додава сребрени веришки.

20А кој е сиромав и нема што да му принесе, тој избира дрво, кое не гние, па бара искусен уметник за да направи идол, што ќе стои неподвижен.

21Зар не знаете? Зар не сте слушале? Зар не ви е зборувано во почетокот? Зар не сте го разбрале тоа од основањето на земјата?

22Тој е Оној, Кој седи над кругот на земјата, а оние, што живеат на неа, се како скакулци пред Него; Тој ги распослал небесата како тенко платно и ги распнал како шатор за живеење.

23Тој ги претвора кнезовите во ниш­то, судиите земни ги прави да бидат ништожни.

24Одвај посадени, одвај посеани, одвај се закоренил во земјата стракот нивни, штом Тој ќе дувне врз нив, тие се ису­шуваат; виорот ги однесува како плева.

25„Со кого ќе Ме изедначите и со кого ќе Ме споредите?“ — вели Свете­цот.

26Кренете ги очите свои кон висините небесни и погледнете, кој ги создал? Кој го пресметал бројот на војската нивна? Тој сите нив ги нарекува по име: поради големата моќ и големата сила во Него ништо не недостига.

27А како говориш ти, Јакове, и ве­лиш, Израеле: „Патот ми е сокриен од Господ, делото мое е заборавено пред мојот Бог?“

28Зар не знаеш? Зар не си слушал дека вечниот Бог, Кој ги создал краиш­тата на земјата, не се изморува и не изнемоштува; Неговиот разум е не­испитлив.

29Тој му дава сила на уморениот и му дарува јачина на изнемоштениот.

30Се уморуваат и момчињата и осла­буваат, и млади луѓе паѓаат,

31а оние кои се надеваат на Господ, ќе ја обноват силата своја: ќе кренат крилја како орли, ќе трчаат и нема да им биде тешко, ќе одат и нема да се уморат.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>