1ⓝА сега слушај, Јакове, слуго Мој, и ти, Израеле, кого Јас го избрав.
2ⓞВака вели Господ, Кој те создаде и те обликува, Кој ти помага од мајчината утроба: не плаши се, слуго Мој Јакове, и љубимецу Мој, кого Јас го избрав;
3ⓟзашто ќе излеам вода врз жедната земја, и потоци врз исушеното; ќе го излеам духот Свој врз твоето поколение и благословот Свој — врз твоите потомци.
4ⓠЌе растат како трева крај извори, како врби крај водни потоци.
5ⓡЕден ќе рече: „Јас сум Господов“, друг ќе се нарече со името на Јаков; а трет ќе напише на раката своја: „Јас сум Господов“, ќе се нарече со името Израелово.
6ⓢВака вели Господ, Царот на Израел и неговиот Избавител, Господ Саваот: Јас сум првиот, Јас сум и последниот; освен Мене нема Бог;
7ⓣзашто кој е како Мене? Нека раскаже тој, да разгласи и по ред да Ми претстави сѐ од она време, кога го устроив древниот народ, нека го разгласат она што настапува и она што ќе биде.
8ⓤНе бојте се и не плашете се: нели одамна ти соопштив и претскажав? И вие сте Мои сведоци. Има ли Бог освен Мене? Не, друга Карпа нема, Јас те познавам.
9ⓥОние, што прават идоли, сите се ништожни, нивните скапоцености не донесуваат никаква корист; тие сами се сведоци за тоа. Тие не гледаат, ниту разбираат, и затоа ќе им бидат за срам.
10ⓦКој прави бог и излева идол, што не донесува никаква корист?
11Сите учесници во тоа ќе бидат посрамени, зашто и самите мајстори сепак се луѓе; сите тие нека се соберат и нека застанат; тие ќе се уплашат и сите ќе бидат посрамени.
12ⓧКовачот го прави од железо, со чекан го мазни и се труди над него со силната рака своја до толку, што прегладнува и премалува, не пие вода и изнемоштува.
13ⓨДрводелецот, откако ќе одбере дрво, влече по него линија, со остар алат го оцртува, потоа изработува лик на убав човек, за да го постави дома.
14ⓩСече кедри, зема бор и даб, кои ги одбира меѓу шумските дрвја, сади јасен, кој дождот го прави да расте.
15ⓐИ тоа му служи на човекот за оган, а дел од него употребува да се топли, да запали оган и да пече леб. А од него прави и бог и му се поклонува, прави идол и паѓа ничкум пред него.
16Дел од дрвото изгорува во оган, со друг дел вари месо за јадење, си пече печено и јаде до наситување, а исто така се грее и вели: „Добро е, се згреав; почувствував топлина.“
17ⓑА од остатоците прави бог, свој идол, му се поклонува, паѓа ничкум пред него и му се моли и вели: „Спаси ме, зашто ти си мој бог.“
18ⓒНе знаат, ниту разбираат: заслепени им се очите, за да не гледаат, и срцата нивни — за да не разбираат.
19ⓓИ не го зема тоа при срце, ниту има до толку знаење и разум да каже: „Половината негова ја изгорев на оган и на јагленот негов испеков леб, сварив месо и јадев; а од остатокот зар ќе направам одвратност, зар ќе се поклонувам на парче дрво?“
20ⓔТој те храни со пепел; измаменото срце го довело во заблуда, и не може да ја ослободи душата своја и да рече: „Нели е измама тоа што е во десната рака моја?“
21ⓕПомни го тоа, Јакове и Израеле, зашто ти си Мој слуга; Јас те создадов; Мој слуга си ти, Израеле, нема да те заборавам!
22ⓖЌе ги растерам како магла твоите беззаконија, и твоите гревови — како облак; сврти се кон Мене, зашто Јас те откупив.
23ⓗВеселете се, небеса, зашто Господ го направи тоа. Ликувајте, длабочини земни; шумете од радост, гори и шуми и сите дрвја во нив; зашто Господ го откупи Јакова и ќе се прослави во Израел.
24ⓘВака вели Господ, твојот Откупител, Кој те обликува во мајчината утроба: „Јас сум Господ, Кој сѐ создадов, Сам ги спрострев небесата и Сам ја послав земјата.
25ⓙЈас ги правам ништожни доказите на лажните пророци и на видело го изнесувам безумието на маѓесниците; пред Мене отстапуваат мудреците, знаењето нивно го обрнувам во лудост.
26ⓚГо потврдувам зборот на Својот слуга и го извршувам изреченото од Моите пратеници, му велам на Ерусалим: ‚Ти ќе бидеш населен‘ и на градовите Јудини: ‚Вие ќе бидете изградени.‘ Урнатините негови Јас ќе ги возобновам.“
27ⓛЈас ѝ велам на бездната: „Исуши се!“ И реките твои Јас ќе ги исушам.
28ⓜКој вели за Кир: „Тој е Мој пастир, и тој ќе ја исполни секоја волја Моја“, и ќе му рече на Ерусалим: „Ти ќе бидеш одново изграден!“ и на храмот: „Ти ќе бидеш обновен!“