Исаија 47:1-15 MKDB2006 - Bible AI

1Слези и седни во прав, о, девице, ќерко вавилонска; седни на зем­ја: престол нема, ќерко халдејска, и во иднина нема да те нарекуваат нежна и милолика.

2Земи млин и мели брашно; симни го превезот, засукај ракави, разголи ги но­зете, гази преку река:

3твојата голотија ќе се открие, и ќе се види твојата срамотија. Ќе се одмаздам и никој нема од тоа да Ме одврати.

4Нашиот Избавител — името Му е Јахве Саваот — Светецот Израелов.

5Седи молкум и прибери се во темнината, ќерко халдејска, зашто во иднина нема да те нарекуваат господарка на царствата.

6Јас се разгневив на Својот народ, и го предадов наследството Свое, што го оскверни ти, во твои раце; а ти не им покажа милост, на старците им го стави најтешкото твое иго.

7И си велеше: „Вечно ќе бидам господарка“, и на ум не го ставаше ова, не по­мислуваше што ќе стане потоа.

8Но сега ислушај го ова, ти, развратнице, која живееш безгрижно, која се­диш и велиш во срцето: „Јас сум, и нема друга како мене: нема да останам вдо­вица, ниту ќе осиромашам.“

9Но ненадејно, во еден ден, ќе те снај­де и едното и другото — загубата на де­цата и вдовството; во полна мера ќе те снајдат тие, при сето множество на твоите баења и големата сила на твоите маѓии.

10Зашто ти се надеваше на своето лукавство и велеше: „Никој не ме гле­да.“ Твојата мудрост и твоето знаење — тие те заведоа од патот, а ти си велеше во срцето свое: „Јас — и никој друг!“

11Ќе дојде на тебе зло: нема да знаеш, од каде доаѓа тоа; ќе те снајде беда, која не ќе можеш да ја отфрлиш; и ненадејно ќе те стигне погибел, за која и не мислиш.

12Стој си, пак, со твоите маѓии и со многуте баења, со кои си се занимавала од млади години: можеби — ќе си помог­неш, можеби — страв ќе предизвикаш.

13Ти си уморна од многу совети; нека излезат оние, што го набљудуваат небото, ѕвездобројачите и претскажу­вачите по новомесечијата, нека те спа­сат од она, што треба да ти се случи.

14Ете, тие се како слама: оган ќе ги изгори; не ја спасија душата своја од пламенот; не остана јаглен да се погрее некој, ниту оган, за да се поседи крај него.

15Такви ќе бидат оние, со кои соработуваше, со кои си тргувала од млади години. Секој талка по својот пат; никој не ќе може да те спаси.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>