Исаија 48:1-22 MKDB2006 - Bible AI

1Слушај го ова, доме Јаковов, вие, кои се нарекувате со името на Израел и кои сте произлегле од Јуда, кои се колнете во името Господово, Го спомнувате Бог Израелов, иако не по вистина и не по правда.

2Зашто тие се нарекуваат по светиот град и се потпираат на Бог Израелов; Јахве Саваот е името Негово.

3Поранешното Јас однапред го претскажав, и она што од устата Моја изле­гуваше и Јас го навестував и брзо го вршев, — и сѐ се извршуваше.

4Јас знаев дека ти си тврдокорен дека во твојот врат има железни жили, и челото ти е бакарно;

5затоа и однапред ти навестував, пред да се случи тоа, и ти навестував, за да не речеш: „Мојот идол го направи тоа, мо­јот идол и мојот излеан лик заповеда тоа да стане.“

6Ти си го чул и видел сето тоа! И зар нема да го признаеш тоа? А сега те из­вестувам за нешто ново и сокриено, што ти не си го знаел.

7Тоа се изврши сега, а не одамна и не пред еден ден, и ти не си слушал за не­го, за да кажеш: „Ете, јас го знаев тоа.“

8Ти не си слушал, ниту си знаел за тоа, и увото твое порано не беше отво­рено; зашто Јас знаев дека ти ќе поста­пиш вероломно; од самата мајчина ут­роба си наречен отстапник.

9Заради името Свое го одлагав Сво­јот гнев и заради славата Своја се воз­држував да не те истребам.

10Ете, те пречистив, но не како среб­ро, те испитав во печката на страдањата.

11Заради Себе, заради Самиот Себе го вршам тоа, — зашто, каква навреда би била за името Мое! Славата Своја нема да ја дадам на друг.

12Чуј Ме, Јакове и Израеле, повикан од Мене: Јас сум истиот, Јас сум првиот и Јас сум последниот.

13Мојата рака ја основа земјата, Мојата десница го распростре небото; ќе ги повикам, — и тие ќе се постројат.

14Соберете се сите и слушајте: кој од нив го претскажал ова? Господ го воз­љуби, и тој ќе ја исполни волјата Негова над Вавилон и ќе ја покаже силата Негова над Халдејците.

15Јас, Јас реков, и го повикав; Јас го доведов, патот негов ќе биде успешен.

16Пристапете кон Мене, слушајте го ова: Јас и во почетокот не говорев тај­но; и кога се извршуваше тоа, Јас бев таму; и сега Ме испрати Господ Бог и Неговиот дух.

17Вака вели Господ, твојот Искупи­тел, Светецот Израелов: Јас сум Гос­под, Бог твој, Кој те учи на добро, Кој те води по оној пат, по кој треба да одиш.

18О, да беше ги слушал Моите за­поведи! Тогаш твојот мир ќе беше како река, и твојата правда — како морски бранови.

19И твоето потомство би било како песок, а породот од утробата твоја, — како зрнцата негови: името твое не би се истребило, нити избришало пред Мене.

20Излегувајте од Вавилон, бегајте од Халдејците, со радосен глас разгла­сувајте и проповедајте го тоа, ширете ја таа вест до крајот на земјата; кажувај­те: „Господ го откупи Својот слуга Јаков.“

21Не ожеднуваа тие во пустините, преку кои Тој ги води: Тој им извади во­да од камен; пресече карпа — и бликнаа води.

22Нема мир за лошите, вели Господ.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>