Исаија 49:1-26 MKDB2006 - Bible AI

1Слушајте Ме, острови, и внимавајте, народи далечни: Господ Ме повика уште од утробата, од мај­чината Ми утроба го спомна името Мое;

2ја направи устата Моја како остар меч: под сенката на раката Своја Ме криеше и Ме направи изострена стрела; во Својата торба за стрели Ме чуваше;

3Тој Ми рече: „Ти си Мој слуга, Израеле, — во Тебе ќе се прославам.“

4Јас, пак, реков: „Напразно сум се трудел, за ништо и попусто сум ја истрошувал силата Своја.“ Но правото Мое е во Господ, и наградата Моја е во Мојот Бог.

5А сега вели Господ, Кој уште од утробата Ме направи слуга Свој, да го вратам кон Него Јакова, за да се собере при Него Израел; а кога ќе се собереме, ќе се прославам во Господ и Мојот Бог ќе биде Моја сила.

6И Тој рече: „Малку е тоа што Ти ќе Ми бидеш слуга, за да се подигне племето Јаковово и да се поврати остатокот Израелов, туку Јас ќе Те напра­вам светило за народите, за да се раши­ри спасението од Господ до краиштата на земјата.“

7Така вели Господ, Искупителот на Израел, Светецот негов, на презрениот од сите, на прекоруваниот од народот, на слугата на силните: царевите ќе Те видат, кнезовите ќе станат и ќе се поклонат заради Господ, Кој е верен, заради Светецот Израелов, Кој Те избрал.

8Вака вели Господ: „Во благопријатно време Те чув и во денот на спасението Ти помогнав; и Јас ќе Те пазам и ќе Те направам завет на народот, за да ја подигнеш земјата, да им ги вратиш на наследниците опустошените наслед­ства.

9Да им кажеш на затворените: изле­зете, и на оние, што се во темнина: по­кажете се. Крај патиштата ќе пасат тие, по сите ридови ќе бидат нивните пасишта.

10Нема да трпат глад и жед, нема да ги удри припек и сонце; зашто Оној, Кој ги милува, ќе ги води и ќе ги доведе при извори водни.

11И сите Мои гори ќе ги направам друмови, Моите патишта ќе бидат издигнати.

12Ете, едни ќе дојдат оддалеку; и ете — едни од север и од морето, а други — од земјата Синим.“

13Радувајте се, небеса, и весели се, земјо; воскликнувајте од радост гори, зашто Господ го утеши Својот народ и ги помилува Своите страдалници.

14А Сион велеше: „Ме остави Господ, мојот Бог ме заборави!“

15Може ли жена да го заборави поро­дот свој, а да не се смилува на чедото од утробата своја? А и кога би го забора­вила, Јас тебе нема да те заборавам.

16Ете, на Своите дланки сум те вре­жал; твоите ѕидишта секогаш се пред Мене.

17Твоите ѕидари ќе побрзаат кон тебе, а твоите разурнувачи и пустошници ќе си отидат од тебе.

18Крени ги очите и погледај наоколу, — тие сите се собираат, доаѓаат кон тебе. Жив сум Јас! вели Господ, — со сите нив ќе се облечеш како со накит и ќе се промениш со нив како невеста.

19Зашто твоите урнатини, твоите пустини и твојата разорена земја сега ќе бидат многу тесни за жителите, кога оние, што те голтаа, ќе си отидат од тебе.

20Децата што ги имаш, бидејќи си ги изгубила поранешните, ќе ти говорат гласно: „Тесно е местото за мене; отста­пи ми, за да можам да живеам.“

21И ти ќе речеш во срцето свое: кој ми ги роди? Јас бев бездетна и бесплодна, одведена во плен и отфрлена; но, кој ги одгледа? — Ете, јас си бев сама; а тие каде беа?

22Вака вели Господ Бог: „Ете, ќе ја кренам раката Своја кон народите, ќе им дадам знак на племињата, — и ќе ги донесат синовите твои на раце и ќерки­те твои — на раменици.

23И царевите ќе бидат твои храни­тели, и нивните царици ќе бидат твои доилки; со лицето до земјата ќе ти се поклонуваат и ќе го лижат правот од нозете твои, и ќе дознаеш дека сум Јас Господ, дека оние, што се надеваат на Мене, нема да се посрамат.

24Може ли да се одземе плен од си­лен, и можат ли да се одземат заробени од победникот?“

25Да, така вели Господ: и секој заро­бен од јунак ќе биде одземен и грабежот од тиранинот ќе биде вратен; зашто Јас се борам со твоите противници и ќе ги спасам твоите синови;

26ќе ги нахранам твоите угнетувачи со нивното сопствено месо, ќе бидат на­поени со својата крв како со ново вино; и секое тело ќе дознае дека Јас сум Гос­под, твој Спасител и твој Искупител, Силниот Бог Јаковов.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>