1ⓢЌе Му ја запеам на мојот Возљубен Неговата песна за лозјето Негово. Мојот Возљубен имаше лозје на врвот од плодороден рид;
2ⓣТој го огради и го исчисти од камења, насади во него избор од лозови прачки, изгради кула во средината негова, направи големи каци; очекуваше да роди добро грозје, а тоа роди диво грозје.
3ⓤПа сега, жители ерусалимски и мажи Јудејци, пресудете меѓу Мене и Моето лозје.
4Што уште требаше да направам за Моето лозје и не го направив? Зошто, кога очекував принос од добро грозје, тоа даде диво грозје?
5ⓥСега ќе ви кажам што ќе направам со лозјето Свое: ќе ја иставам оградата, и тоа ќе биде опустошено; ќе му ги разрушам ѕидиштата, и ќе биде газено:
6ⓦќе го оставам да запусти: нема ни да го кројат, ни да го копаат — ќе обрасне во трње и боцки, ќе им заповедам на облаците да не истураат дожд врз него.
7ⓧЛозјето на Господ Саваот е домот Израелов, а луѓето на Јуда — Негова љубена градина. И чека Тој правосудие, но ете — крвопролевање; чека правда, а ете — пискот.
8ⓨТешко ви вам, кои прилепувате куќа кон куќа, кои присоединувате нива кон нива, така што за другите да не останува место, како да сте само вие населени на земјата!
9ⓩВо ушите мои — Господ Саваот рече: — тие многубројни домови ќе бидат пусти, тие големи и убави куќи ќе бидат без жители;
10ⓐдесет ари лозје ќе дадат едно буре, а еден гомер посеано семе, одвај ќе донесе една ефа.
11ⓑТешко им на оние, кои од рано утро бараат жесток пијалак и до доцна вечер се згорештуваат со вино;
12ⓒна нивните гоштавки има и харфа и лира, и тимпани, и свирка и вино; а кон делата на Господ тие и не погледнуваат, ниту помислуваат за делата на Неговите раце.
13ⓓЗатоа Мојот народ ненадејно ќе отиде во ропство; неговите големци ќе гладуваат, богаташите негови ќе се мачат од жед.
14ⓔЗатоа пеколот се раширил и без мерка ја отворил устата своја: таму ќе слезе нивната слава и нивното богатство, вревата нивна и сѐ што ги весели.
15ⓕСмртникот ќе се свитка, човекот ќе се понижи и гордите луѓе очи ќе наведнат;
16ⓖа Господ Саваот ќе се возвеличи во суд, светиот Бог ќе ја соопшти светоста Своја во правда.
17ⓗИ овците ќе си пасат како на пасишта, и туѓинци ќе се хранат со оставените плодни пасишта на богатите.
18Тешко им на оние, кои влечат по себе беззаконие со јажиња на суетност и грев — како со колски ремења;
19ⓘкои велат: „Нека побрза Тој и нека го забрза делото Свое, за да видиме; нека се приближи и нека се исполни решението на Светецот Израелов, за да дознаеме!“
20ⓙТешко им на оние, кои злото го нарекуваат добро, а доброто — зло; темнината ја сметаат за светлина, светлината — за темнина, горчливото — за слатко, а слаткото — за горчливо!
21ⓚТешко им на оние, кои се мудри во своите очи и разумни пред самите себеси!
22ⓛТешко им на оние, кои се храбри вино да пијат и силни да приготвуваат жесток пијалак,
23ⓜкои за подароци го оправдуваат виновниот, а ги лишуваат праведните од законитото!
24ⓝЗатоа, како што огнот ја јаде сламата, и пламенот го голта сеното, така ќе загине коренот нивни, цветот нивни ќе се разнесе како прав; зашто тие го отфрлија законот на Господ Саваот и го презреа словото на Светецот Израелов.
25ⓞЗатоа гневот на Господ ќе се разгори против Неговиот народ, ќе ја протегне раката Своја против него и ќе го порази, така што планините ќе затреперат и труповите нивни ќе бидат како ѓубре по улиците. А при сето тоа гневот Негов нема да се одврати и раката Негова уште ќе биде протегната.
26ⓟИ ќе крене знаме за далечни народи и ќе им даде знак на оние што живеат на крајот од земјата, и ете, тие лесно и брзо ќе дојдат;
27ⓠкај нив нема да има ни умрен, ни премален; ниеден нема да задреме и нема да заспие; нема да се отпаше појасот од половината негова и нема да се одврзе ремен од чевлите негови;
28ⓡстрелите им се изострени, сите лакови — им се затегнати; копитата на коњите нивни се како кремења, а бојните коли нивни — како виор;
29ⓢрикањето нивно е како рикањето на лавица; тие рикаат како лавчиња; ќе го зграпчат пленот и ќе го однесат и никој нема да им го одземе.
30ⓣВо оној ден ќе зарика против него како бучава на разбеснето море; ќе погледне Тој на земјата, и ете, темнина и жалост, а светлината потемнела во облаците.