Исаија 52:1-15 MKDB2006 - Bible AI

1ⓙДигни се, дигни, облечи се во силата своја, Сионе! Облечи се во облеката на величието свое, Ерусалиме, свети граде! Зашто отсега нема повеќе да влегува во тебе необрезан и нечист.

2ⓚИстреси го од себе правот; стани, заробен Ерусалиме! Симни ги веригите од вратот свој, заробена ќерко Сионова!

3ⓛЗашто вака вели Господ: „За ништо бевте продадени, и без пари ќе бидете откупени.“

4ⓜИ уште вака вели Господ Бог: „Народот Мој одеше порано во Египет за да поживее таму, а Ашур го притеснуваше без причина.

5ⓝА сега што имам тука“ — вели Господ: „Народот Мој е земен без при­чина, владетелите нивни беснеат, вели Господ, и постојано, секој ден, името Мое се навредува.

6ⓞЗатоа Мојот народ ќе го познае името Мое; затоа ќе разбере во оној ден дека Јас сум истиот, Кој вели: ‚еве Ме!‘“

7ⓟКолку се прекрасни врз горите нозе­те на благовесникот, кој навестува мир, благовестува радост, проповеда спасение, кој му говори на Сион: „Твојот Бог царува!“

8ⓠЕте го гласот на твоите стражи! Тие кренаа глас, и сите заедно ликуваат, за­што со очите свои гледаат дека Господ се враќа во Сион.

9ⓡВеселете се, пејте заедно, урнатини ерусалимски, зашто Господ го утеши народот Свој — го откупи Ерусалим.

10ⓢЈа засука Господ Својата света десница пред очите на сите народи, — и сите краишта земни ќе го видат спасението од нашиот Бог.

11ⓣОдете си, одете си, излезете оттаму; не допирајте се до нечисто; излезете од средината негова, очистете се, вие што носите садови Господови!

12ⓤЗашто нема да излезете набрзина и нема да бегате; зашто пред вас ќе тргне Господ, и Бог Израелов ќе биде зад вас.

13ⓥЕте, Мојот Слуга ќе успее, ќе се воздигне, ќе се возвиси и возвеличи.

14ⓦКако што мнозина беа вџашени, гледајќи во Него — толку ликот Негов беше обезличен повеќе, отколку на се­кој човек, и видот Негов — повеќе, от­колку на синовите човечки,

15ⓧтака ќе восхити многу народи, цареви ќе ја затвораат пред Него устата своја, зашто ќе го видат она, за кое не им било говорено, и ќе го дознаат она што не го слушнале.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>