Исаија 53:1-12 MKDB2006 - Bible AI

1Кој поверува на тоа, што го чул од нас и кому му се откри силата Господова?

2Зашто изникна Тој пред него како младо дрвце и како стебленце од сува земја; нема во Него ни убавина, ниту величие; ние Го видовме, и во Него не­маше изглед, што ќе нѐ привлекува кон Него.

3Тој беше презрен и отфрлен меѓу луѓето, човек на болки и свикнат на страдања, и ние го одвраќавме од Него лицето свое; Тој беше презиран, и ние за ништо не Го сметавме.

4Но Тој ги зеде врз Себе нашите болки и ги понесе нашите слабости; а ние мислевме дека Тој беше поразуван, казнуван и понизуван од Бога.

5А Тој беше изнаранет за нашите гревови и мачен заради нашите беззаконија; казната за нашиот мир падна врз Него, а преку Неговите рани ние се излекувавме.

6Сите ние бевме заблудени како овци, секој си одеше по својот пат, — и Господ ги натовари врз Него гревовите на сите нас.

7Тој беше измачуван, но страдаше доброволно и устата Своја не ја отвораше; како јагне Тој беше одведен на колење, и како што е овцата пред стри­жачите свои безгласна, така и Тој не ја отвори устата Своја.

8Тој беше лишен од праведен суд. Кој може да зборува за Неговите наследници? Зашто беше отсечен од земјата на живите; заради беззаконијата на Мојот народ беше осуден на смрт.

9Му определија гроб со злодејци, но Тој беше погребан кај богатиот, иако Тој не беше направил грев и во устата Негова немаше лага.

10Но волјата Господова беше да Го казни, и Го предаде на мачење; а кога ќе го принесе Својот живот како милос­тивна жртва, Тој ќе види долговечно потомство, и волјата Господова ќе на­предува преку Неговата рака.

11Ќе се зарадува поради трудот на душата Своја и ќе види светлина. Пра­ведниот Слуга Мој ќе ги оправда мно­зина и гревовите нивни врз Себе ќе ги понесе.

12Затоа Јас ќе Му дадам големо нас­ледство, со силните плен ќе дели, зашто Себеси на смрт се предаде, и меѓу зло­дејците беше вброен и ги понесе врз Се­бе гревовите на мнозина и за престапниците стана посредник.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>