1ⓘЕте, раката на Господ не се скусила, та да не може да спасува, и увото Негово не отврднало, та да не може да слуша.
2ⓙНо беззаконијата ваши ве разделија од вашиот Бог, и гревовите ваши прават да го сокрива лицето Свое од вас, за да не слуша.
3ⓚЗашто рацете ваши се осквернети со крв, а прстите ваши — со беззаконие; устата ваша говори лага, јазикот ваш искажува неправда.
4ⓛНикој не го крева гласот за правда, и никој не се застапува за вистина: се надеваат на суетното и говорат лага, зачнуваат зло и раѓаат беззаконие;
5ⓜнесат змиски јајца и ткаат пајажина; кој ќе ги изеде јајцата нивни — умира, ако, пак, ги скрши — отровна змија ќе исползи — од нив.
6Пајажините нивни не ги бива за облека, нема да се покријат со изработката своја; делата нивни се дела неправедни, а насилството е во рацете нивни.
7ⓝНозете нивни трчаат кон зло, брзаат да пролеваат невина крв; мислите нивни — се мисли нечесни; по патеките нивни — опустошување и погибел.
8ⓞТие не го знаат патот на мирот и на патеките нивни нема правда; патиштата им се искривени, и никој, кој оди по нив, не знае за мир.
9ⓟЗатоа е и далеку од нас справедливоста, правдата не стигнува до нас: чекаме видело, а тоа темнина, — светлина, а одиме во мрак.
10ⓠГо пипкаме ѕидот како слепи, одиме со пипкање како без очи; на пладне се сопнуваме како во мрак, меѓу живите сме како мртви.
11ⓡСите рикаме како мечки и стенкаме како гулаби, чекаме суд, а него го нема, — спасение, но тоа е далеку од нас.
12ⓢЗашто престапите наши пред Тебе се многубројни, гревовите наши сведочат против нас; со нас се престапите наши, беззаконијата наши ги знаеме.
13ⓣНие изневеривме и се одрековме од Господ и отстапивме од нашиот Бог; говоревме клевета и насилство, зачнувавме и раѓавме од срцата наши лажливи зборови.
14ⓤИ справедливоста отстапи назад, а правдата застана далеку; зашто вистината се сопна на плоштадот, чесноста не можеше да влезе.
15ⓥИ исчезна вистината, а кој се оддалечува од злото, се изложува на ограбување. И Господ го виде тоа; и на очите не Му беше мило што нема правда.
16ⓦИ виде дека немаше човек, се чудеше дека немаше застапник; тогаш Неговата рака Му помогна и правдата Негова Го поддржа.
17ⓧИ ја облече врз Себе правдата како оклоп, а на главата Своја го стави шлемот на спасението; и се облече во кошула на одмазда како во облека, се покри со ревност како со наметка.
18ⓨСпоред делата, според делата ќе им даде Тој на противниците Свои — со јарост, на непријателите Свои — со одмазда, на островите ќе им го даде заслуженото.
19ⓩИ ќе се уплашат на запад од името на Господ, на исток — од славата Негова. Ако непријателот надојде како река, — духот на Господ ќе го истера.
20ⓐИ ќе дојде Искупителот за Сион и за синовите Јаковови, кои се одвратиле од нечесноста, вели Господ.
21ⓑИ еве го заветот Мој со нив, вели Господ: Духот Мој, Кој е врз тебе, и зборовите Мои, што ги вложив во устата твоја, нема да излезат од устата твоја, од устата на потомството твое и од устата на потомците на твоето потомство, вели Господ, отсега и довека.