Исаија 65:1-25 MKDB2006 - Bible AI

1ⓥЈас им се открив на оние, кои не прашуваа за Мене, кои не Ме бараа: „Еве Ме, еве Ме!“ — му велев на народ, кој не го повикуваше името Мое.

2ⓦСекогаш ги протегав рацете Свои кон непокорниот народ, кој одеше по лош пат, — по своите помисли, —

3ⓧкон народ, кој постојано Ме навредува в лице, принесува жртви во градините и пали темјан на црепчиња,

4ⓨседи во гробови и ноќева во пеш­тери; јаде свинско месо, а во садовите негови има гнасно вариво;

5ⓩкои велат: „Застани, не доближувај се до мене, зашто сум свет за Тебе.“ Тие се дим на ноздрите Мои — оган што гори секој ден.

6ⓐЕте, што е напишано пред лицето Мое: нема да премолчам, туку ќе от­платам, ќе отплатам во пазувата нивна,

7ⓑза нивните беззаконија, вели Господ, и заедно со беззаконијата на татковците нивни, кои кадеа темјан по планините, и по ридовите Ме навредуваа, — ќе им одмерам полна плата во пазувите нивни и за нивните поранешни дела.

8ⓒВака вели Господ: „Како што во гроздот има сок, и велат не го повредувај, зашто во него има благослов; исто ќе направам и за Моите слуги, и нема сите да ги погубам.

9ⓓИ ќе произведам од Јаков потом­ство, а од Јуда — наследник на Моите гори; и тоа ќе го наследат Моите избрани, таму ќе живеат слугите Мои.

10ⓔИ Сарон ќе биде пасиште за овци, а долината Ахор — пладниште за говедата на Мојот народ, кој Ме побара.

11ⓕА вас, кои Го оставивте Господа, ја заборавивте Мојата света гора, готвите трпеза за Гад и отворате полна чаша за Мене, —

12ⓖвас ве определив за меч, сите ќе се наведнете за колење, зашто викав — и не одговаравте, говорев — не слушавте, но вршевте зло пред очите Мои и го избиравте она, што не беше по волјата Моја.“

13ⓗЗатоа вака вели Господ Бог: „Ете, слугите Мои ќе јадат, а вие ќе гладувате; слугите Мои ќе пијат, а вие ќе се измачувате од жед;

14ⓘслугите Мои ќе се веселат, а вие ќе бидете во срам; слугите Мои ќе пеат од срдечна радост, а вие ќе пиштите од срдечна жалост и ќе плачете од маката во вашиот дух.

15ⓙИ ќе им го оставите името свое на Моите избрани за проклетство; тебе ќе те убие Господ Бог, а слугите Свои ќе ги нарече со друго име,

16ⓚоној, што се благословува на земјата, нека се благословува со вистинскиот Бог; и кој се колне на земјата, нека се колне со вистинскиот Бог, — зашто по­ранешните жалости ќе бидат заборавени и сокриени од Моите очи.“

17ⓛ„Зашто, ете, Јас создавам ново небо и нова земја, а поранешните нема по­веќе да се спомнуваат, ниту на ум ќе доаѓаат.

18ⓜА вие ќе се веселите и ќе се радувате довека за она што Јас го создавам: зашто, ете, Јас ќе го создадам Ерусалим за веселба, а народот негов — за радост.

19ⓝЌе се радувам за Ерусалим и ќе се веселам за Мојот народ; и нема повеќе да се чуе во него глас од плачење и глас од пискот.

20ⓞТаму веќе нема да има новороденче кое живее кратко, ни старец, што нема да ги исполни деновите свои; тој што ќе умре на сто години ќе се смета за мом­че, а оној што ќе живее помалку од сто години ќе се смета за проколнат.

21ⓟЌе градат куќи и ќе живеат во нив, ќе садат лозја и ќе ги јадат плодовите нивни.

22ⓠНема да градат, за да живее друг, нема да садат, за да јаде друг; зашто дните на народот Мој ќе бидат како дните на дрво, и моите избрани долго ќе се користат со делото на рацете свои.

23ⓡНема да се трудат напразно и да ра­ѓаат деца за скрб; зашто ќе бидат семе благословено од Господ, и потомците нивни со нив.

24ⓢИ пред тие да повикаат, Јас ќе од­говорам; тие уште ќе говорат, а Јас веќе ќе ги чујам.

25ⓣВолк и јагне ќе пасат заедно, а ла­вот ќе јаде слама како вол, а на змијата правот ќе ѝ биде храна: тие нема да причинуваат зло и штета по целата Моја света гора“, вели Господ.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
div>