Исаија 7:1-25 MKDB2006 - Bible AI

1Во дните на Ахаз — синот на Јотам, син Озиев, цар јудејски, — Рецин, ца­рот арамејски, и Факиј, синот Ремалиев, цар израелски, отидоа против Ерусалим да го завладеат, но не можеа да го преземат.

2Тогаш му беше соопштено на домот Давидов и речено: „Арамејци се сместија во земјата Ефремова. И му затрепери срцето на Ахаз и срцето на народот негов, како што од ветар се нишаат дрвјата.“

3И му рече Господ на Исаија: „Из­лези ти и син ти Шеар-Јашув да го пречекаш Ахаз на крајот од горното езеро по патот кај нивата на вала­вичарот,

4и кажи му: Охрабри се и биди спо­коен; не плаши се, и да не се плаши срцето твое пред двата краја на тие гламји што чадат, од пламениот гнев на Рецин, на Арамејците и на синот Ремалиев.

5Арам, Ефрем и синот Ремалиев кројат против тебе зло, велејќи:

6‚да одиме против Јудеја и да ја ис­плашиме, да ја завладееме и да го пос­тавиме за цар Тавеловиот син.‘

7Но Господ Бог вели вака: Тоа нема да стане и нема да се изврши,

8зашто главата на Арам е Дамаск, а главата на Дамаск — Рецин; по шеесет и пет години Ефрем ќе престане да биде народ;

9глава на Ефрем е Самарија, а глава на Самарија — синот Ремалиев. Ако не верувате, нема да се одржите.“

10И продолжи Господ да му говори на Ахаз и му рече:

11„Барај за себе знак од Господ, твојот Бог: барај или во длабочините или во височините.“

12Но Ахаз рече: „Нема да барам и нема да Го искушувам Господа.“

13Тогаш Исаија рече: „Слушајте, пак, доме Давидов! Зар ви е малку тоа што им дотежнувате на луѓето, па сакате да Му дотежнувате и на мојот Бог?“

14Затоа Самиот Господ ќе ви даде доказ: ете, Девица ќе зачне и ќе роди Син, и ќе Му го дадат името Има­нуел.

15Тој ќе се храни со млеко и мед, додека да се научи да го отфрла лошото и да го избира доброто.

16Зашто, пред детето да се научи да го отфрла лошото и да го избира доброто, оваа земја, од која ти се плашиш, ќе биде оставена од двајцата цареви.

17Но Господ ќе испрати врз тебе и врз народот твој и врз домот на татко ти, такви денови, какви што не доаѓале, откако Ефрем се оддели од Јуда — ќе го испрати асирскиот цар.

18И ете, во тој ден Господ ќе им даде знак на мувите, што се кај устието на египетската река, и на пчелите, што се во асирската земја, —

19и ќе долетаат и ќе заседнат сите тие по запустените долини и по камените пештери и по сите трништа и по сите дрвја.

20Во тој ден Господ ќе ги избричи со брич, земен од оваа страна на Реката — преку асирскиот цар, главата и влакната на нозете, ќе ја симне дури и брадата.

21И во тој ден, кој храни крава и две овци,

22поради изобилството на млеко, што тие ќе го дадат, ќе јаде масло; со масло и мед ќе се хранат сите, кои останале во таа земја.

23Во тој ден на секое место, каде што растеле илјада лози за илјада сребреници, ќе има глог и трниште.

24Таму ќе се оди со лакови и стрели, бидејќи целата земја ќе е во глогови и трњаци.

25И на ниедна од горите, што биле расчистувани со мотика, нема да одиш, поради страв од глог и од трње; таму ќе истеруваат говеда и ситен добиток ќе гази.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
iv>