Исаија 9:1-20 MKDB2006 - Bible AI

1Народот, кој оди во темнина, ќе види голема светлина; врз оние што живеат во земјата на смртната сенка, ќе болсне светлина.

2Ти ќе го умножиш народот, ќе ја зголемиш радоста негова. Тој ќе се ве­сели пред Тебе, како што се веселат за време на жетва, како што се радуваат при делење на плен.

3Зашто јаремот, кој му тежеше, и же­золот што го поразуваше, и стапот на неговиот угнетувач — Ти ќе ги скршиш, како во денот на Мидјан.

4Зашто секоја војничка обувка во време на војна и облека, извалкана од крв, ќе бидат предадени на изгорување, за храна на огнот.

5Зашто дете ни се роди — Син ни се даде; власта е на рамењата Негови, и ќе Го наречат: Чудесен Советник, Бог си­лен, Отец вечен, Кнез на мирот.

6Неговата власт и мирот бескраен ќе растат врз престолот на Давид и во цар­ството негово, за да го утврди Тој и да го зацврсти преку суд и правда отсега па довека. Тоа ќе го направи ревноста на Господ Саваот.

7Господ му испраќа слово на Јаков, тоа слегува врз Израел,

8за да знае сиот народ, Ефрем и жителите на Самарија, кои со гордост и надуено срце велат:

9„Тулите паднаа, — ќе градиме со делкани камења; смоквите се исе­чени, — ќе ги замениме со кедри.“

10Ќе се крене Господ против него и непријателите на Рецин, ќе ги воо­ружи непријателите негови;

11Арамејците откај исток, Филистеј­ците откај запад; ќе го голтнат Израел со полна уста. При сето тоа гневот Не­гов нема да се одврати и раката Негова ќе остане протегната.

12Но народот не се обраќа кон Оној, Кој го бие и не прибегнува кон Господ Саваот.

13Господ ќе му ја пресече на Израел главата и опашката, палмата и трската во еден ден:

14старецот и големецот — тоа е гла­вата; а пророкот — лажниот учител, е опашот.

15Водачите на овој народ ќе го доведат во заблуда, а водените од нив ќе за­гинат.

16Затоа Господ нема да ги поштеди момчињата негови, и нема да се смили над сираците негови и вдовици­те не­гови; зашто сите тие се лицемери и зло­дејци, и устата на сите зборува нечесно. При сето тоа гневот Негов нема да се одврати и раката Негова ќе остане протегната.

17Зашто беззаконието како оган се разгорело, голтнува глог и трн и гори во горските гасталаци, се креваат столбови од дим.

18Гневот на Господ Саваот ќе ја изгори земјата, народот ќе стане како храна за огнот, човек нема да го по­жали братот свој.

19Ќе лапаат надесно — и ќе си оста­нат гладни; ќе јадат налево — и нема да се наситат; секој ќе го јаде месото од својата мишка:

20Манасија — Ефрем, и Ефрем — Ма­насија, обајцата заедно — Јуда. При сето тоа нема да се одврати гневот Негов, и раката Негова ќе остане протегната.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
iv>