Исус Навин 5:1-15 MKDB2006 - Bible AI

1Кога аморејските цареви, што живееја од онаа страна[2] на Јордан кон запад, и хананејските цареви, што се крај морето, чуја дека Господ ги ису­шил водите на Јордан пред синовите Израелови, додека тие преминувале, им се запреа мислите, и душа веќе не остана во нив поради синовите Изра­елови.

2Во тоа време Господ му рече на Исус: „Направи си ножеви од остар ка­мен и обрезај ја новата генерација на Израел!“

3Тогаш Исус направи остри ножеви од камен, и ги обреза синовите Изра­елови во местото наречено Гиват Аралот[3].

4И така ги обреза Исус, зашто сиот народ од машки пол што беше излегол од Египет, сите способни за војна изумреа во пустината по патот, откако беа излегле од Египет;

5и така сите излезени беа обрезани, а сите, што се родија во пустината по патот, по излегувањето од Египет, не беа обрезани;

6зашто синовите Израелови чети­риесет години лутаа по пустината; додека изумреа сите способни за војна, што беа излегле од Египет. Тие што не го послушаа гласот Господов и на кои Господ им се заколна дека нема да ја видат земјата, што Господ со заклетва беше им ја ветил на татковците нивни, односно дека нам ќе ни ја даде земјата, каде што тече мед и млеко,

7а наместо нив ги подигна нивните синови. Нив ги обреза Исус, зашто тие не беа обрезани; бидејќи беа родени во текот на патувањето.

8Сиот народ, откако беше обрезан, си остана на местото во логорот, додека не оздрави.

9Тогаш Господ му рече на Исус: „Сега Јас го симнав[4] од вас египетскиот срам!“ И тоа место се нарекува дури и до ден-денес „Гилгал“[5].

10И се задржаа синовите Израелови во логорот во Гилгал и вечерта на чети­ринаесеттиот ден од месецот направија Пасха во рамнините Ерихонски;

11и на вториот ден по Пасха почнаа да јадат од пченицата на таа земја — бесквасни лебови и печени зрна во ис­тиот тој ден;

12и маната[6] престана да паѓа во тој ден, откако почнаа да јадат од житото на таа земја; и веќе немаше мана кај синовите Израелови: во таа година тие јадеа од плодовите на хананската земја.

13Кога Исус се наоѓаше близу до Ери­хон, погледна и виде, и ете, пред него стои човек, со изваден меч во раката. Исус се приближи до него и му рече: „Наш ли си, или си од нашите непријатели?“

14Тој му одговори: „Не; јас сум водачот на војската Господова, сега дојдов овде.“ Исус падна ничкум на земја, се поклони и му рече: „Што ќе му заповедаш на својот слуга?“

15Водачот на војската Господова му рече на Исус: „Собуј ги обувките од нозете свои, бидејќи местото, на кое стоиш, е свето.“ Исус така и направи.

>