1И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:
2ⓘ„Кажи му на Арон и на синовите негови да постапуваат внимателно со светите приноси од синовите израелски и да не го осквернуваат Моето свето име во тоа, што Ми го посветуваат. Јас сум Господ.
3ⓙКажи им: ако некој во целото ваше потомство во вашите родови, имајќи на себе некаква нечистотија, пристапи кон светите дарови, што синовите Израелови Му ги посветуваат на Господ, да се истреби таа душа од пред Мене. Јас сум Господ.
4ⓚОној човек од семето Ароново, кој е лепрозен, или има гонореја, да не јаде од светите дарови сѐ додека не се исчисти, и кој се допре до нешто нечисто: до мртовец, или кому му се случи истечување на семе,
5или кој ќе се допре до некој гад, па се оскверни, или до човек од кого се оскверни од каква и да било нечистотија,
6ⓛтој што се допрел до тоа да биде нечист до вечерта и да не јаде од светите приноси, пред да го измие целото свое тело со вода;
7ⓜно, штом зајде сонцето, и биде чист, тогаш да јаде од осветените дарови, бидејќи тоа е негова храна.
8ⓝМрша или ѕверојадина тој да не јаде, за да не се оскверни од нив. Јас сум Господ.
9ⓞНека ги пазат заповедите Мои, за да не навлечат поради нив грев врз себе и да не умрат поради нив, ако се осквернат. Јас сум Господ, Кој ги осветува.
10ⓟНикој од друг род да не јаде од светите приноси: кој се населил кај свештеник, ни наемникот негов, не смее да јаде од светите приноси.
11ⓠАко свештеникот си купи човек со пари, тој нека јаде од лебовите негови; исто така и домашните негови можат да јадат од неговите лебови.
12Ако свештеничка ќерка се омажи за човек од друг род, таа не смее да јаде од принесените свети дарови,
13а ако таа остане вдовица или биде разведена, а нема деца, и се врати во татковата куќа, како што била на млади години, тогаш таа може да јаде од лебовите на татко си; но никој од друг род не смее да јаде од нив.
14ⓡКој поради незнаење јаде нешто од осветените приноси, тој дел треба да му го врати на свештеникот и да додаде кон него уште една петина од тоа.
15И да не ги осквернуваат светињите на синовите израелски, принесувани на Господ;
16и да не навлекуваат врз себе вина поради престап, со тоа што ќе јадат од нивните дарови, зашто Јас сум Господ, Кој ги осветува.“
17И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:
18ⓢ„Кажи им на Арон и на синовите негови и на сите синови израелски и речи им: ако некој од синовите израелски, или од придојдените меѓу народот израелски, било поради некакво ветување или од благодарност принесува жртви какви што Му се принесуваат на Господ, за сепаленица,
19ⓣза да му се прими жртвата милостиво, таа треба да биде од машки пол од стадата волови, од овците, или од козите, без недостаток;
20ⓤа сѐ што има недостаток, да не се принесува, бидејќи тоа ќе Му биде непријатно.
21ⓥИ ако некој Му принесува на Господ жртва за мир, исполнувајќи завет или по своја волја, тогаш тоа треба да биде од крупниот или од ситниот добиток и да биде без недостаток, за да му биде примена; никаков недостаток не треба да има на неа.
22ⓦЖивотно слепо или со скршени крајници, или сакато, или краставо, или со егзема — такви не принесувајте Му на Господ и од нив не давајте на Господ жртва на жртвеникот.
23Животно од крупниот или од ситниот добиток со предолги или со претерано куси нозе можеш да принесеш како жртва по своја волја: но ако е за завет, нема да се прими.
24Животно со смачкани, згмечени, извадени или исечени тестиси не принесувај Му на Господ; во земјата ваша не правете го тоа.
25И од рацете на туѓинец не примајте такви животни за да ги принесувате како дарови на вашиот Бог, затоа што тие се повреда, имаат недостаток: тие нема да ви се примат.“
26И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:
27ⓧ„Кога ќе се роди теле, или јагне, или козле, да остане кај мајка си седум дена, а од осмиот ден и натаму ќе може да се принесува како дар на Господ, —
28ⓨно не колете ни крава, ниту овца, ниту коза во ист ден заедно со нивната рожба.
29ⓩАко Му принесувате на Господ жртва од благодарност, со радост принесувајте ја.
30ⓐТаа да се изеде истиот ден; не оставајте од месото за другиот ден. Јас сум Господ.
31ⓑПазете ги заповедите Мои и извршувајте ги. Јас сум Господ.
32Не осквернувајте го Моето свето име, за да бидам свет меѓу синовите на Израел. Јас сум Господ, Кој ве осветува,
33ⓒКој ве изведов од египетската земја, за да бидам ваш Бог. Јас сум Господ.“