Левитска 24:1-23 MKDB2006 - Bible AI

1И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:

2„Заповедај им на синовите израел­ски да земат чисто маслиново масло, исцедено за светење, та светлото да гори секогаш

3пред завесата во скинијата на собра­нието, а ќе го пали Арон постојано пред Господ од вечерта, дури до утрината; и тоа нека ви биде вечна наредба во родовите ваши.

4На чист светилник распоредете ги све­тилата кои ќе горат постојано пред Господ;

5и земете пченично брашно и измесете од него дванаесет лебови — секој леб да тежи по две десетини од ефа;

6поставете ги во два реда, по шест во ред, на чистата трпеза пред Господ.

7И во секој ред ставете и чист темјан; и тоа нека биде крај лебовите како спомен — жртва за Господ.

8Секој саботен ден постојано да се принесуваат лебови пред Господ од синовите израелски: тоа е вечен завет.

9Тие да му припаѓаат на Арон и на синовите негови за да ги јадат на свето место; тоа е голема светиња за нив од жртвите Господови, овековечена со закон.“

10Тогаш излезе синот на една жена Израелка, што го беше родила со Египќанец, меѓу синовите Израелови и се скара со еден Израелец во населбата;

11и синот на Израелката похули на Името. И го доведоа кај Мојсеј; името на мајка му беше Шеломит, Дивриева ќерка од племето Даново;

12па го ставија в затвор додека не се донесе за него пресуда според заповедта Господова.

13И му рече Господ на Мојсеј, ве­лејќи:

14„Изведи го оној што хулеше надвор од логорот, а сите што чуја, нека ги стават рацете свои врз главата негова и целиот народ нека го убие со камења,

15и кажи им на синовите израелски: секој што ќе похули на својот Бог, ќе го прими својот грев;

16и оној што ќе го навреди името Господово, треба да умре, со камења да го убие сиот народ; било да е тој придој­ден или тукашен, ако похули на името Господово, да умре.

17Кој ќе убие човек, да биде умртвен.

18Кој ќе удри добиток и тој умре, да го плати; добиток за добиток.

19На оној, што ќе му нанесе повреда на ближен, да му се направи и нему она што го направил тој;

20прелом за прелом, око за око, заб за заб; како што му нанел повреда на човек, така и нему да му се направи.

21Кој ќе убие добиток, нека го плати, но кој удри човек и умре, да биде умртвен.

22Една правда да има како за придојден така и за тукашен, затоа што Јас сум Господ, вашиот Бог.“

23Така Мојсеј им зборуваше на си­новите израелски. И го изведоа оној што беше похулил надвор од населбата и го убија со камења; синовите на Из­раел направија така, како што му беше заповедал Господ на Мојсеј.