Лука 14:1-35 MKDB2006 - Bible AI

1Еднаш во сабота влезе кај еден од фарисејските старешини и јадеше леб; а тие Го надгледуваа.

2Одеднаш застана пред Него еден човек болен од водена болест.

3Исус ги запраша закониците и фарисеите, велејќи: „Дозволено ли е да се лекува во сабота?“

4А тие молчеа. Тогаш Исус го допре, го излекува и го пушти.

5Потоа им рече: „Кој од вас ако му падне в бунар вол или син, нема да го извади веднаш, иако е сабота?“

6Не можеа ништо да Му одговорат на тоа.

7А кога забележа како поканетите ги одбираат почесните места, им кажа па­рабола и рече:

8„Ако те покани некој на свадба, не седнувај на почесно место, зашто, ако случајно е поканет некој со поголема чест од тебе,

9тогаш би можел да дојде оној што ве поканил и тебе и него, па да рече: ‚От­стапи го местото на овој!‘ и тогаш, засрамен ќе седнеш на последното место.

10Но, кога ќе бидеш поканет, оди и седни на последното место, та оној што те поканил, штом дојде, да ти каже: ‚Пријателе, премести се погоре!‘ Тогаш ќе имаш чест пред сите оние што седат заедно со тебе на трпезата.

11Зашто, секој што се возвишува, ќе биде понизен; а тој што се понизува, ќе биде возвишен.“

12А и на оној што го беше поканил, му рече: „Кога даваш ручек или вечера, не кани ги пријателите свои, ниту бра­ќата свои, ни роднините свои, ниту бо­гатите соседи, за да не те поканат и тие некогаш и да ти биде возвратено.

13Но, кога даваш гозба, повикај ги сиромасите, куците, слепите.

14И ќе бидеш блажен, зашто тие не­ма­ат со што да ти возвратат, и затоа ќе ти биде возвратено при воскресението на праведните.“

15А кога го слушна тоа еден од оние што седеа со Него на трпезата, Му ре­че: „Блажен е оној кој ќе јаде леб во царството Божјо!“

16А Тој му одговори: „Еден човек приготви голема вечера и покани мно­зи­на;

17и кога беше време за вечерата, го прати слугата свој да им каже на по­ка­нетите: ‚Дојдете, зашто веќе сѐ е подготвено!‘

18И почнаа сите, како договорени, да откажуваат; првиот му рече: ‚Купив нива и ќе треба да одам да ја видам; те мо­лам, извини ме!‘

19Вториот рече: ‚Купив пет ѕевгари волови и одам да ги пробам; те молам, извини ме!‘

20Третиот рече: ‚Се оженив и затоа не можам да дојдам.‘

21Кога се врати слугата, му го кажа тоа на својот господар. Тогаш се расрди домаќинот на куќата и му рече на својот слуга: ‚Оди бргу по плоштадите и улиците градски и донеси ги тука бедните, слабите, куците и слепите!‘

22И рече слугата: ‚Господаре, направив како што ми заповеда и уште има место.‘

23И му рече господарот на слугата: ‚Излези по патиштата и меѓу оградите и убеди ги да дојдат за да ми се наполни куќата!‘

24Зашто, ви велам: никој од оние што беа повикани нема да вкуси од вечерата Моја.“[9]

25Со Него одеше многу народ; и Тој се заврте и им рече:

26„Ако некој дојде кај Мене и не го намрази татка си и мајка си, жена си и децата свои, браќата и сестрите, па дури и душата своја, тој не може да биде Мој ученик.

27И, кој не го носи својот крст, и не оди по Мене, не може да биде Мој уче­ник.

28Зашто, кој од вас, кој сака да соѕида кула, нема да седне најнапред за да на­прави сметка колку ќе чини и дали има сѐ што е потребно за нејзиното довр­шу­вање?

29Во спротивно, ако веќе ги поставил темелите, а не може да ја доврши, сите што гледаат, ќе почнат да му се смеат,

30и да зборуваат: ‚Овој човек почна да ѕида и не може да доврши.‘

31Или кој цар, кога тргнува во војна против друг цар, нема да седне најна­пред да се посоветува, може ли со десет илјади да издржи пред оној што иде против него со дваесет илјади?

32Ако не може, додека е другиот уш­те далеку, ќе прати пратеници и ќе мо­ли за мир.

33Така и ниеден од вас, кој нема да се откаже од сѐ што има, не може да биде Мој ученик.“

34„Солта е добро нешто, но ако таа облутави, со што ќе се соли?

35Ниту на земјата, ниту на ѓубрето нема да му е потребна; па затоа ја фр­ла­ат надвор. Кој има уши да слуша, нека чуе!“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
v>