7Кој од вас, кога ќе се врати од поле неговиот слуга, кој орал или чувал овци, веднаш ќе му рече: ‚Дојди бргу и седни на трпеза!‘
8ⓣНема ли да му каже: ‚Приготви ми да вечерам, препаши се и служи ме додека јадам и пијам, а потоа ти јади и пиј!‘
9ⓤЗар ќе му благодари на тој слуга што ја исполнил неговата заповед? Мислам, не.
10ⓥПа така и вие, откако ќе исполните сѐ што ви е заповедано, речете: ‚Ние сме слуги бесполезни, зашто го извршивме она што бевме должни да го извршиме.‘“
11ⓦА кога одеше за Ерусалим, Тој поминуваше меѓу Самарија и Галилеја.
12ⓧКога влегуваше во едно село, Го сретнаа десет лепрозни и застанаа подалеку,
13ⓨпа со силен глас повикаа: „Исусе Учителе, смилувај се!“
14ⓩШтом ги виде, им рече: „Отидете и покажете им се на свештениците!“ И тие, уште додека одеа, се очистија.
15ⓐА еден од нив, кога виде дека е излекуван, се врати и Го прослави Бога гласно;
16ⓑи падна ничкум пред нозете Негови, благодарејќи Му. А тој беше Самарјанин.
17Исус, пак, одговори и рече: „Зар не се излекуваа десетмина? Каде се другите девет?
18Зарем не се најдоа да се вратат и другите и да Му воздадат слава на Бога, туку само овој туѓинец?“
19ⓒИ му рече: „Стани, оди си! Твојата вера те спаси!“
20ⓓЗапрашан од фарисеите кога ќе дојде царството Божјо, Тој им одговори: „Царството Божјо нема да дојде преку нешто што може да се забележи,
21ⓔниту, пак, ќе може да се каже: ‚Еве, овде е‘ или: ‚Еве, онде е‘. Зашто царството Божјо е во вас внатре.“
22ⓕИ им рече: „Ќе дојдат дни, кога ќе копнеете да видите еден од деновите на Синот Човечки, и нема да видите:
23ⓖи кога ќе ви речат: ‚Еве Го, овде е‘ или: ‚Еве, онде е‘. — Не одете и не барајте!
24ⓗЗашто, како што молњата, кога ќе светне од едниот крај на небото го осветлува и другиот, така ќе биде и Синот Човечки во Својот ден.
25ⓘНо, најнапред Тој треба многу да пострада и да биде отфрлен од овој род.
26ⓙКако што беше во Ноевите дни, така ќе биде и во деновите на Синот Човечки:
27ⓚјадеа, пиеја, се женеа, се мажеа, сѐ до оној ден, кога Ное влезе во ковчегот, и дојде потопот, па ги погуби сите.
28ⓛИсто така, како што беше во Лотовите дни: јадеа, пиеја, купуваа, продаваа, садеа, ѕидаа;
29ⓜно во истиот ден, кога излезе Лот од Содом, падна од небото оган и сулфур и ги изгоре сите;
30така ќе биде и во денот кога ќе се јави Синот Човечки.
31ⓝВо тој ден, кој е на покрив, а покуќнината му е в куќи, нека не слегува да ја земе; а кој е в поле, исто така, да не се враќа.
32ⓞСетете се на Лотовата жена.
33ⓟКој сака да го спаси својот живот, ќе го погуби; а кој ќе го погуби, ќе го спаси.
34ⓠВи велам: во таа ноќ ќе бидат двајца на една постела: едниот ќе го земат, а другиот ќе го остават;
35две жени ќе мелат заедно: едната ќе ја земат, а другата ќе ја остават.“
36[11]
37ⓡИ, кога одговорија, Му рекоа: „Каде, Господи?“ А Тој им рече: „Каде што е лешот, таму ќе се соберат и орлите.“