1Еден ден, додека Тој го поучуваше народот во храмот и го проповедаше Евангелието, пристапија првосвештениците и книжниците со старешините
2ⓥи Му рекоа, велејќи: „Кажи ни, со каква власт го вршиш тоа, или кој е тој што Ти ја дал таа власт?“
3А Тој им одговори и рече: „Ќе ве прашам и јас еден збор, и кажете ми:
4ⓦДали крштавањето Јованово беше од небото, или од луѓето?“
5ⓧА тие почнаа да размислуваат и да си зборуваат меѓу себе: „Ако кажеме — од небото, ќе рече — Зошто не му поверувавте?
6ⓨАко, пак, речеме — од луѓето, тогаш сиот народ ќе нѐ затрупа со камења, бидејќи е уверен дека Јован беше пророк.“
7Затоа одговорија: „Не знаеме од каде е.“
8Исус им рече: „Ни Јас нема да ви кажам со каква власт го вршам тоа.“
9ⓩИ почна да му ја раскажува на народот оваа парабола: „Еден човек насади лозје и го предаде на лозари, па си замина на подолго време.
10ⓐА подоцна испрати кај лозарите еден слуга за да му дадат од плодовите на лозјето; но лозарите го натепаа и го пуштија празен.
11И прати повторно друг слуга: но тие и него го натепаа и го понизија, па го испратија празен.
12Испрати и трет, а тие и него го ранија и го избркаа.
13ⓑТогаш господарот на лозјето рече: ‚Што да направам? Ќе го испратам својот сакан син, можеби кога ќе го видат, ќе се засрамат.‘
14Но лозарите, штом го видоа, си размислуваа меѓу себе, велејќи: ‚Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и наследството ќе биде наше!‘
15И кога го изведоа надвор од лозјето, го убија. Што ќе им направи, пак, господарот на лозјето?
16ⓒЌе дојде и ќе ги погуби овие лозари, а лозјето ќе го предаде на други.“ А оние што слушаа, рекоа: „Да не даде Бог!“
17ⓓНо Тој, кога ги погледна, им рече: „Што значи тогаш напишаното: ‚Каменот што го отфрлија ѕидарите, стана камен темелник‘.
18ⓔСекој што ќе падне врз тој камен, ќе се разбие; а врз кого тој ќе падне, ќе го здроби.“
19ⓕИ во тој час првосвештениците и книжниците сакаа да стават рака на Него, но се плашеа од народот; зашто сфатија дека за нив ја кажа оваа парабола.
20ⓖИ дебнејќи Го, испратија и лукави луѓе, кои се преправаа дека се праведни, за да Го фатат во некој збор и да можат да Го предадат на поглаварите и на власта управникова.
21ⓗИ Го прашаа, велејќи: „Учителе, знаеме дека право зборуваш и учиш, и не гледаш кој е кој, туку вистински поучуваш за патот Божји.
22ⓘПозволено ли е да му даваме данок на царот или не?“
23А Тој го разбра нивното лукавство и им рече:
24„Покажете ми еден денариј: Чија слика и натпис стои таму?“ Тие одговорија: „На царот.“
25ⓙПа им рече: „Дајте го царевото на царот, а Божјото на Бога!“
26И не можеа да фатат нешто во Неговите зборови пред народот, туку само се зачудија на одговорот Негов и замолкнаа.
27ⓚТогаш пристапија некои од садукеите, што тврдат дека нема воскресение, па Го прашаа, велејќи:
28ⓛ„Учителе, Мојсеј ни напиша: Ако некој оженет умре без деца, брат му да ја земе неговата жена и да го подигне потомството на својот брат.
29Си беа седум браќа. Првиот, откако се ожени, умре без деца.
30Жена му ја зеде вториот, но и тој умре без деца.
31Потоа ја зеде и третиот, а така исто и сите седуммина и умреа без деца.
32По сите нив, умре и жената.
33При воскресението, пак, на кого од нив таа ќе му биде жена, бидејќи со седуммината живеела?“
34ⓜИм одговори Исус и рече: „Синовите од овој свет се женат и мажат;
35ⓝно оние што ќе бидат удостоени да го добијат оној свет и воскресението од мртвите, ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат;
36ⓞвсушност, тие веќе не можат да умрат, затоа што се еднакви со ангелите, а бидејќи се синови на воскресението, тие се синови Божји.
37ⓟА дека мртвите ќе воскреснат, тоа го посведочи и Мојсеј кај капината, кога Го нарече Господ — Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов.
38ⓠА Бог не е Бог на мртвите, туку на живите, зашто во Него се сите живи.“
39ⓡНа тоа, некои од книжниците, рекоа: „Учителе, добро рече!“
40ⓢИ повеќе не се осмелуваа за ништо да Го прашаат.
41А Тој им рече: „Како, пак, велат дека Христос е син Давидов?
42ⓣТа и самиот Давид вели во Книгата на псалмите: ‚Му рече Господ на Мојот Господ: седи од Мојата десна страна,
43додека не ги положам непријателите Твои во подножјето на нозете Твои!‘
44Значи Давид Го нарекува Господ. Па како тогаш може да му биде син?“
45И додека сиот народ слушаше, Тој им рече на учениците Свои:
46ⓤ„Чувајте се од книжниците што милуваат да одат променети и сакаат поздрави по пазариштата, предни места во синагогите и да се први на гозбите;
47што ги подјадуваат домовите на вдовиците и лицемерно долго се молат. Тие ќе добијат потешка пресуда.“