1ⓨСе приближуваше празникот Бесквасници, наречен Пасха;
2ⓩа првосвештениците и книжниците бараа начин како да Го погубат, зашто се плашеа од народот.
3ⓐИ влезе сатаната во Јуда, наречен Искариот, кој беше вброен меѓу Дванаесетте.
4ⓑИ кога отиде, се договори со првосвештениците и началниците, како да им Го предаде.
5Тие се зарадуваа и се спогодија со него да му дадат сребреници.
6Тој вети и бараше згоден час, да им Го предаде без знаење на народот.
7ⓒДојде денот Бесквасници, кога требаше да се заколе пасхалното јагне;
8ⓓпа ги испрати Исус Петар и Јован и им рече: „Одете и пригответе ни пасха, за да јадеме!“
9А тие Му рекоа: „Каде сакаш да приготвиме?“
10Тој им рече: „Ете, кога ќе влезете в град, ќе ве сретне човек со стомна вода; одете по него во куќата, каде што ќе влезе,
11и кажете му на домаќинот од куќата: ‚Учителот ти вели: каде е собата, во која треба да јадам пасха со учениците Свои?‘
12И тој ќе ви покаже голема одаја, послана; таму пригответе.“
13ⓔКога отидоа, најдоа како што им беше рекол и ја приготвија пасхата.
14ⓕА кога дојде времето, Тој седна на трпезата заедно со апостолите.
15ⓖИ им рече: „Од сѐ срце сакав да ја јадам оваа пасхална вечера со вас, пред да пострадам;
16ⓗзашто, ви велам: нема веќе да јадам од неа, додека не се исполни во царството Божјо.“
17ⓘТогаш ја зеде чашата, заблагодари и рече: „Земете и разделете ја меѓу себе,
18ⓙзашто отсега нема повеќе да пијам од лозовиот плод, додека не дојде царството Божјо.“
19ⓚПотоа зеде леб и заблагодари, го прекрши и им даде, велејќи: „Ова е Моето тело, што се дава за вас; правете го ова за Мој спомен!“
20ⓛИсто така и со чашата, по вечерата, велејќи: „Оваа чаша е Новиот завет со Мојата крв, која се пролева за вас.
21ⓜНо, ете, раката на оној што Ме предава е со Мене на трпезава.
22ⓝСинот Човечки, пак, заминува, според она што е определено, но тешко му на оној човек, што ќе Го предаде.“
23ⓞИ почнаа да се прашуваат меѓу себе, кој ли ќе е од нив што ќе го направи тоа?
24ⓟА се појави меѓу нив и расправија, кој од нив да се смета за поголем.
25Но Тој им рече: „Царевите владеат над народите, а оние што управуваат над нив се викаат добротвори.
26ⓠВие, пак, немојте така; но поголемиот меѓу вас да биде како најмалиот и тој, што е старешина, да биде како слуга.
27ⓡЗашто кој е поголем, тој што седи на трпеза, или оној што послужува? Зар не е оној што седи? А Јас сум меѓу вас како слуга.
28ⓢНо вие сте оние што издржавте со Мене во Моите напасти,
29ⓣи Јас ви ветувам, како што Ми вети Мојот Отец, царство,
30ⓤза да јадете и да пиете на трпезата Моја во царството Мое, и да седнете на престоли и да им судите на дванаесетте Израелови колена.“
31ⓥИ рече Господ: „Симоне, Симоне, ете, сатаната посака да ве сее како пченица;
32ⓦно Јас се молев за тебе за да не се изгуби твојата вера; а ти кога еднаш ќе се обратиш, укрепи ги браќата свои!“
33ⓧА тој Му одговори: „Господи, готов сум да одам со Тебе и в затвор, и во смрт.“
34ⓨНо Тој му рече: „Ти велам, Петре, уште пред да запее денес петелот, ти трипати ќе потврдиш дека не Ме познаваш.“
35ⓩПа им рече: „Кога ве праќав без ќесе, и без торба, и без обувки, дали ви недостасуваше нешто?“ Тие одговорија: „Ништо.“
36ⓐИ им рече: „Но сега, кој има ќесе, нека си го земе, исто така и торба; а кој нема, нека си ја продаде облеката и нека си купи нож;
37ⓑзашто, ви велам, на Мене треба да се исполни и ова од Писмото: ‚И меѓу злосторници Го вброија.‘ Зашто она што се однесува за Мене, се исполнува.“
38А тие рекоа: „Господи, еве овде има два ножа.“ Тој им одговори: „Доволни се.“
39ⓒИ кога излезе, тргна, како обично, кон Маслиновата Гора; по Него одеа и учениците Негови.
40ⓓА штом дојде на тоа место, им рече: „Молете се за да не паднете во искушение!“
41ⓔИ Тој се одвои од нив, колку камен што може да се фрли, па ги преклони колената и се молеше,
42ⓕвелејќи: „Оче, кога би сакал да ја тргнеш оваа чаша од Мене! Но нека не биде мојата волја, туку Твојата!“
43ⓖИ му се јави ангел од небото и Го поткрепуваше.
44Па, бидејќи се наоѓаше во внатрешна борба, поусрдно се молеше, а потта Му беше како капки крв, што паѓаа на земјата.
45Штом стана од молитвата, дојде кај учениците Свои и ги најде заспани од тага.
46ⓗИ им рече: „Зошто спиете? Станете и молете Му се на Бога за да не паднете во искушение!“
47ⓘИ уште додека Тој зборуваше, ете, се појави мноштво луѓе заедно со еден од Дванаесетте, наречен Јуда, кој се приближи до Исус да Го целива. (Зашто таков знак им беше дал: „Кого ќе Го целивам, Тој е.“)
48А Исус му рече: „Јудо, со целив ли Го предаваш Синот Човечки?“
49ⓙОние, пак, што беа со Него, кога видоа што ќе стане, Му рекоа: „Господи, да удриме ли со нож?“
50ⓚИ еден од нив го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече десното уво.
51А Исус одговори и рече: „Оставете го тоа, запрете!“ Па го допре увото негово и го исцели.
52ⓛА на првосвештениците и храмовните управници и на старешините, што беа дошле против Него, Исус им рече: „Како на разбојник ли сте излегле со ножеви и колови за да Ме фатите?
53ⓜСекој ден бев со вас во храмот и не кренавте рака на Мене, но сега е вашето време и власта на мракот.“
54ⓝИ кога Го фатија, Го поведоа и одведоа во домот на првосвештеникот. А Петар оддалеку одеше по Него.
55Кога запалија оган во дворот и седнаа наоколу, седна и Петар меѓу нив.
56А една слугинка, штом го виде како седи покрај огнот, погледна на него и рече: „И овој беше со Него!“
57Но тој се одрече од Него, велејќи: „Жено, не Го познавам!“
58Малку потоа, кога го виде еден друг, рече: „И ти си од нив!“ Но Петар му рече: „Човеку, не сум!“
59ⓞА кога мина време околу еден час, еден друг човек почна да тврди, зборувајќи: „Навистина, и овој беше со Него, зашто е Галилеец!“
60Но Петар рече: „Човеку, не знам што зборуваш!“ И одеднаш, уште додека говореше, запеа петел.
61ⓟТогаш Господ се заврти и го погледна Петар, а Петар се сети на Господовите зборови што Му ги беше рекол: „Уште додека петел не пропее, трипати ќе се одречеш од Мене.“
62И штом излезе надвор, заплака горко.
63А луѓето, што го држеа Исус, Му се потсмеваа и Го тепаа.
64ⓠПа, откако Го покрија, Го удираа по образите, и го прашуваа, велејќи: „Проречи кој Те удри?“
65И многу други хули рекоа против Него.
66ⓡА кога се раздени, се собраа старешините народни, првосвештениците и книжниците и Го воведоа во Синедрионот,
67ⓢи рекоа: „Ако си Ти Христос, кажи ни!“ Но Тој им одговори: „И ако ви кажам, навистина нема да поверувате.
68А ако ве запрашам, нема да Ми одговорите.
69ⓣОтсега Синот Човечки ќе седи оддесно на силата Божја.“
70ⓤИ сите рекоа: „Ти ли си, значи, Синот Божји?“ А Тој им рече: „Вие велите дека сум Јас.“
71ⓥА тие рекоа: „Какво сведоштво ни треба уште? Ние сами чувме од Неговата уста.“