Лука 23:1-56 MKDB2006 - Bible AI

1И сето мноштво се крена, па Го поведоа кај Пилат,

2и почнаа да Го обвинуваат, гово­реј­ќи: „Го најдовме Овој како го одвраќа народот наш и забранува да се дава да­нок на царот, и вели за Себе дека е Тој Христос и Цар.“

3Пилат Го запраша, велејќи: „Ти ли си Царот Јудејски?“ Тој одговори и му рече: „Ти велиш.“

4Пилат им рече на првосвештениците и на народот: „Јас не наоѓам никава ви­на кај Овој Човек.“

5Но тие и понатаму велеа дека Тој го побунува народот и поучува по це­ла Јудеја, почнувајќи од Галилеја па до овде.

6А Пилат, штом чу за Галилеја, за­праша: „Зар е Овој Човек Галилеец?“

7И кога разбра дека е Тој од областа Иродова, Го испрати кај Ирод, кој во тоа време, исто така, беше во Еру­са­лим.

8Ирод, кога Го виде Исус, се зарадува многу, бидејќи одамна имаше желба да го види, зашто беше слушал многу за Него, па се надеваше дека ќе види некое чудо направено од Него,

9и Му поставуваше многу прашања, но Тој ништо не одговори.

10А првосвештениците и книжниците стоеја и непрекинато Го обвинуваа.

11Ирод, пак, со војниците свои, от­ка­ко Го понизи и Му облече светла облека, Го прати пак кај Пилат.

12Во тој ден Пилат и Ирод станаа пријатели, зашто порано беа скарани меѓу себе.

13Пилат ги повика прво­свеш­те­ни­ци­те, управниците и народот,

14па им рече: „Ми го доведовте Овој Човек како бунтовник на народот; а еве, јас пред вас Го испитав и не најдов кај Него никаква вина во она, за што Го обвинувате;

15и Ирод исто така, зашто Го пратив и кај него; и ете, Тој не направил ништо што би заслужувало смрт;

16па затоа ќе го камшикувам и ќе Го пуш­там.“

17А тој требаше за празникот да им ослободи еден затвореник.

18Но сиот народ повика, говорејќи: „Земи Го Овој, а пушти ни го Варава!“

19Варава беше фрлен в затвор заради некаква буна во градот и убиство.

20Пилат одново извика гласно дека сака да Го пушти Исус.

21Но тие викаа, велејќи: „Распни Го, распни!“

22Тој и по третпат им рече: „Та какво зло направил Овој? Јас не најдов во Не­го ништо што заслужува смрт; па затоа ќе Го камшикувам и ќе Го пуштам.“

23Но сите постојано настојуваа со го­лем вик и бараа да биде распнат; и надвладеа нивниот вик и оној на прво­свеш­тениците.

24И Пилат одлучи да го исполни нив­ното барање,

25па им го пушти затвореникот кој бе­ше во темница заради бунт и убиство, оној за кого молеа; и Исус им го пре­да­де на нивната волја.

26И кога Го поведоа, Го фатија некој си Симон Киринеец, кој се враќаше од нива, и му го ставија крстот, за да го но­си по Исус.

27А по Него одеа многу луѓе и жени, кои плачеа и ридаа за Него.

28Но Исус, кога се заврте кон нив, им рече: „Ќерки ерусалимски, не плачете за Мене, туку плачете за себе и за сво­и­те деца;

29зашто, ете, се приближуваат дено­вите кога ќе се рече: ‚Блазе на неплодните и на утробите што не родиле и на градите што не доеле!‘

30Тогаш ќе почнат да им велат на планините: ‚Паднете врз нас‘, и на ри­диштата, ‚покријте нѐ!‘

31Зашто, кога ова го прават со зе­ле­ното дрво, што ќе биде тогаш со сувото?“

32Водеа и двајца злосторници, за да ги погубат со Него.

33И кога дојдоа на местото, наречено Черепница, Го распнаа таму Него и злосторниците, едниот оддесно, а другиот одлево.

34А Исус рече: „Оче, прости им, зашто не знаат што прават!“ И кога го делеа облеклото Негово, фрлија ждрепка.

35А народот стоеше и гледаше; се потсмеваа заедно со народот и прво­свештениците, велејќи: „Други спаси, нека Се спаси и Сам, ако е Тој Христос, избраникот Божји!“

36Исто така и војниците се подигруваа со Него; приближувајќи се, тие Му принесуваа оцет,

37и велеа: „Ако си Ти Царот Јудејски, спаси се Сам!“

38А над Него имаше натпис, напишан на грчки, латински и еврејски: „Овој е Царот Јудејски.“

39Еден од распнатите злосторници хулеше на Него, велејќи: „Ако си Ти Христос, спаси се Себе Самиот и нас!“

40А другиот, кога одговори, го искара и рече: „Зар и од Бога не се плашиш, кога си веќе и сам осуден?

41Ние сме праведно осудени, зашто примивме заслужена казна според на­шите дела; но Тој ништо лошо не направил.“

42И Му рече на Исус: „Сети се на ме­не, Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое!“

43А Исус му рече: „Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот!“

44А беше веќе околу шестиот час и настана мрак по целата земја, до деветтиот час;

45и сонцето потемне, и за­весата на храмот се расцепи преку средината.

46А Исус извика гласно и рече: „Оче, во Твои раце Го предавам Својот дух!“ И штом го рече тоа, издивна.

47Стотникот, пак, кога виде што ста­на, Го прослави Бога и рече: „Навис­ти­на Овој Човек бил праведник!“

48И сиот народ што беше се собрал да гледа, кога виде што стана, се враќаше удирајќи се в гради.

49А сите Негови познати, и жените, што Го следеа од Галилеја, стоеја по­да­леку и го гледаа тоа.

50А ете, се најде и човек по име Јосиф, член на советот, добар и праведен човек.

51Тој не ја одобри одлуката на советот и делата нивни. Беше од јудејскиот град Ариматеја. А и самиот го оче­ку­ва­ше царството Божјо.

52Па така тој отиде кај Пилат и го из­моли телото Исусово;

53па Го симна и обви во платно, Го положи во гроб издлабен во камен, во кој уште никој не беше положен.

54Тој ден беше петок, и саботата веќе настапуваше.

55По него одеа и жените, што беа дошле со Исус од Галилеја, и го видоа гробот и полагањето на телото Негово.

56А потоа се вратија, приготвија ми­риси и миро, а во саботата одмараа спо­ред заповедта.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
v>