Лука 4:1-44 MKDB2006 - Bible AI

1Исполнет со Дух Свети, Исус се врати од Јордан, и беше одведен од Духот во пустината.

2Четириесет дена Го искушуваше ѓа­волот. Во текот на тие денови не ја­деше ништо, а кога изминаа тие, најпос­ле огладне.

3Тогаш Му рече ѓаволот: „Ако си Син Божји, кажи му на овој камен да стане леб.“

4А Исус му одговори: „Напишано е дека не само со леб ќе живее човекот (туку и со секој збор Божји).“[1]

5Потоа ѓаволот Го одведе на една ви­сока планина и му ги покажа за миг си­те царства во светот.

6И Му рече ѓаволот: „Тебе ќе Ти ја дадам сета оваа власт и нивната слава, зашто мене ми е предадена, и ја давам кому што сакам.

7Ако ми се поклониш, сето тоа ќе би­де Твое.“

8Но Исус му одговори и рече: „(Бегај од Мене, сатано, зашто)[2] напишано е: ‚На Господ, твојот Бог, поклонувај Му се и единствено Нему служи Му!‘“

9И Го одведе во Ерусалим, и Го пос­тави на стреата од храмот, па Му рече: „Ако си Син Божји, фрли се одовде до­лу!

10Зашто е напишано: ‚На ангелите Свои ќе им заповеда за Тебе да Те за­чу­ваат;

11и на раце ќе Те земат, да не си ја сопнеш ногата Своја на камен.‘“

12И Исус му одговори и рече: „Кажа­но е: ‚Не искушувај Го Господ, својот Бог!‘“

13Па откако ѓаволот заврши со сите искушенија, се оддалечи од Него за не­кое време.

14И се врати Исус во Галилеја во си­лата на Духот; и се разнесе глас за Него по целиот тој крај.

15А Тој поучуваше во нивните синагоги, и сите го славеа.

16И дојде во Назарет, каде што беше одраснал, и по обичајот Свој влезе еден саботен ден во синагогата, па стана да чита.

17Му ја подадоа книгата на пророкот Исаија; и Тој, штом ја отвори, го најде местото каде што беше напишано:

18„Духот Господов е врз Мене; зашто Господ Ме помаза. Ме прати да им соопштам радосна вест на бедните. Ме прати[3] да им проповедам на заробените ослободување и на слепите прогледува­ње, да ги пуштам на слобода напатени­те;

19да ја проповедам благопријатната година Господова!“

20Потоа ја затвори книгата, му ја даде на прислужникот, и седна; а очите на сите во синагогата беа вперени во Него.

21И почна да им говори: „Денес се ис­полни ова Писмо што го чувте.“

22И сите Му потврдија и се восхитуваа на Неговите благодатни зборови што излегуваа од устата Негова и ве­леа: „Не е ли Овој синот на Јосиф?“

23А Тој им рече: „Некој од вас сигур­но ќе Ми приговори со оваа изрека: ‚Лекаре, излекувај се Сам! Направи го и овде, во Твојот роден крај, она што чувме дека се случило во Капернаум.‘“

24Па им рече: „Вистина ви велам: ни­еден пророк не е омилен во својата тат­ковина.

25Навистина ви кажувам: имаше мно­гу вдовици во Израел, во времето на Или­ја, кога се затвори небото три години и шест месеци и настана голем глад по целата земја;

26и кај ниедна од нив не беше пратен Илија, но само кај една жена вдовица во Сарепта Сидонска;

27и имаше мнозина лепрозни во Из­ра­ел во времето на пророкот Елисеј, но ниеден од нив не се очисти, освен Си­ри­ецот Нееман.“

28А кога го слушнаа тоа, сите во си­на­гогата се исполнија со гнев;

29па станаа, Го истераа надвор од гра­дот и Го одведоа на врвот од еден рид, каде што беше соѕидан нивниот град, за да Го турнат одозгора.

30Но Тој помина меѓу нив и си отиде.

31И слезе во Капернаум, во градот Галилејски, и ги поучуваше во саботните денови.

32И се чудеа на Неговата наука, за­што Неговото слово беше силно.

33Во синагогата се наоѓаше еден чо­век обземен од дух на нечист демон, и тој извика гласно:

34„Еј, што сакаш Ти, Исусе од На­за­рет? Си дошол ли да нѐ погубиш? Те знам кој си. Ти си Светец Божји.“

35А Исус му заповеда, говорејќи: „Молкни и излези од него!“ Па откако го кутна насреде, духот зол излезе од него и ништо лошо не му направи.

36Сите ги обзеде страв, па си зборуваа меѓу себе: „Каков ли е тој збор! Зашто со власт и сила им заповеда на не­чис­ти­те духови и тие излегуваат!“

37Па се разнесе глас за Него по сите околни места.

38 Штом излезе од синагогата, влезе во куќата Симонова; а тештата на Си­мон имаше силна треска, и Го помолија за неа.

39И како застана над неа, Тој ја пре­кори треската, и таа ја остави; и жената веднаш стана и им служеше.

40И на зајдисонце, сите што имаа бол­ни од разни болести ги доведуваа кај Него; а Тој, положувајќи раце над секого од нив, ги исцелуваше.

41Од мнозина излегуваа демони со ви­кање, и велеа: „Ти си Христос, Син Божји.“ А Тој забрануваше и не им доз­волуваше да кажуваат дека знаат дека е Тој Христос.

42Кога се раздени, Тој излезе и отиде на осамено место, а луѓето Го бараа па, кога дојдоа кај Него, Го задржуваа да не си оди од нив.

43А Тој им рече: „И на другите гра­до­ви треба да им ја објавам радосната вест за царството Божјо, зашто за тоа сум пра­тен.“

44И проповедаше по синагогите га­ли­лејски.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
>