Лука 5:1-39 MKDB2006 - Bible AI

1 Еднаш, кога народот се притис­каше кон Него за да го чуе словото Божјо, Тој стоеше покрај Гени­са­ретското езеро.

2Тогаш виде два кораба што стоеја покрај езерото; а рибарите беа излегле од нив и си ги плавеа мрежите.

3Тој влезе во еден од корабите, кој бе­ше на Симон, па го замоли да отплови малку од брегот, па седна и почна да го поучува народот од коработ.

4А штом престана да говори, му рече на Симон: „Заплови кон длабочините и фрлете ги мрежите свои за лов!“

5Но Симон Му одговори и рече: „Учителе, цела ноќ се трудевме и ниш­то не уловивме; но по Твоја волја ќе ја фрлам мрежата.“

6И штом го направи тоа, тие уловија толку големо количество риба, што ду­ри и мрежата им се скина.

7Им дадоа знак на другарите што беа во другиот кораб да дојдат и да им по­могнат; и тие дојдоа и ги наполнија и двата кораба, така што за малку ќе по­тонеа.

8А кога го виде тоа, Симон Петар падна пред нозете Исусови и Му рече: „Оди си од мене, Господи, зашто сум грешен човек!“

9Зашто него, и сите што беа со него, ги беше обзел страв од многуте риби, што ги уловија,

10а исто така и Јаков и Јован, си­но­ви­те Заведееви, кои му беа другари на Си­мон. И му рече Исус на Симон: „Не плаши се! Отсега ќе ловиш луѓе!“

11Кога ги извлекоа двата кораба на суво, оставија сѐ и тргнаа по Него.

12А кога беше Исус во еден град, дој­де некој човек, сиот лепрозен, и штом Го виде Исус, падна ничкум и молејќи Му се, рече: „Господи, ако сакаш мо­жеш да ме очистиш.“

13Исус, подавајќи ја раката, го допре и рече: „Сакам, очисти се!“ И веднаш лепрата падна од него.

14И му заповеда никому да не кажува; и му рече: „Оди и покажи му се на свеш­теникот, и принеси дар за очистувањето твое, како што одредил Мојсеј, ним за сведоштво!“

15Но уште повеќе се разнесуваше глас за Него и многу луѓе доаѓаа да Го слушаат и да бидат излечени од своите болести.

16А Тој се повлекуваше во осамени места и се молеше.

17Еден ден, додека Тој поучуваше, се­деа таму фарисеи и законоучители, кои беа дошле од сите села на Галилеја и Ју­деја, и од Ерусалим; а Тој имаше сила Господова да лекува.

18И, ете, некои донесоа на постела еден човек, што беше неподвижен, и са­каа да го внесат и положат пред Него;

19па, бидејќи не најдоа место од каде да го внесат поради народот, се качија на куќата и преку покривот го спуштија сосе постела, насреде, пред Исус.

20А Тој, штом ја виде верата нивна, рече: „Човеку, ти се простуваат гре­во­вите!“

21Книжниците, пак, и фарисеите поч­наа да размислуваат и да велат: „Кој е Овој што хули на Бога? Кој може да ги простува гревовите, освен Единиот Бог?“

22А Исус, кога ги разбра нивните по­мисли, им одговори и рече: „Што раз­мислувате во срцата свои?

23Што е полесно да се каже: ‚Ти се прос­туваат гревовите‘, или да кажам: ‚Стани и оди?‘

24Но за да знаете дека Синот Чо­веч­ки има власт на земјата да ги простува гревовите.“ Му рече на неподвижниот: „Тебе ти велам: стани, земи си ја постелата и оди си дома!“

25И тој веднаш стана пред нив и си го зеде она, на кое лежеше, па си отиде до­ма, славејќи Го Бога.

26Ужас ги обзеде сите и Го славеа Бо­га; па, исполнети со страв, говореа: „Чудни работи видовме денес!“

27А потоа излезе Исус и виде еден цариник, по име Левиј, кој се­де­ше во царинарницата, и му рече: „Врви по Мене!“

28Тој остави сѐ, стана и тргна по Не­го.

29И во својот дом Левиј Му приготви го­лема гозба; а таму имаше многу цариници и други што седеа на трпезата со нив.

30Книжниците, пак, и фарисеите не­годуваа против Него и им говореа на учениците Негови: „Зошто со цариници и грешници јадете и пиете?“

31Исус им одговори и рече: „Здравите немаат потреба од лекар, туку болните;

32не сум дошол да ги повикам праведните на покајание, туку грешните.“

33А тие Му рекоа: „Зошто учениците Јованови постат често и се молат, како и фарисејските, а Твоите јадат и пијат?“

34Тој им рече: „Зар можете да ги на­те­рате сватовите да постат, додека е со нив младоженецот?

35Но ќе дојдат дни кога ќе се оддели од нив младоженецот и тогаш во тие дни, ќе постат.“

36Им ја кажа и оваа парабола: „Никој не пришива на стара облека крпа от­се­чена од нова облека; зашто и новата ќе се отпара, а и на старата не ѝ прилега нова крпа.

37И никој не налива ново вино во ста­ри мевови; зашто новото вино ќе ги рас­це­пи мевовите, и тоа ќе истече, а ме­во­вите ќе се упропастат;

38туку, ново вино треба да се става во нови мевови; па така ќе се зачува и ед­ното и другото.

39И никој, откако пиел старо вино, нема да побара ново; зашто вели: ‚Ста­рото е подобро.‘“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
>