Малахија 1:1-14 MKDB2006 - Bible AI

1Пророчко слово од Господ до Израил преку Малахија.

2Ве засакав, вели Господ. А вие рековте: „Во што си покажал љубов кон нас?“ Зар Исав не е брат на Јаков, вели Господ, но сепак Јас го засакав Јаков,

3а Исав го замразив и ги предадов планините негови, за да се запустат, и пределите негови — на чакалите пус­тински.

4Ако Едом рече — ние сме разорени, но ќе се подигнеме сами, Господ Саваот вели — тие ќе се подигнат, но Јас пак ќе ги разурнам, и така ќе ги наречат — грешна земја и народ — на кои се разгневил Господ засекогаш.

5И вие ќе го видите тоа, па ќе ре­че­те: Голем е Господ преку границите на Израил.

6Синот го почитува татко си, а робот — господарот свој; а ако сум Јас Татко, тогаш каде е почитта кон Мене? И ако сум Јас Господ, тогаш каде е стравот пред Мене — вели Гос­под Саваот; вие свештениците, кои го презирате името Мое, велите: во што го презираме името Твое?

7На жртвеникот Мој вие принесувате опоганет леб, а велите, со што Те осквернуваме? — Со тоа што велите: трпезата Господова не заслужува почитување.

8И кога како жртва принесувате слеп добиток — нели е тоа лошо, или кога принесувате куцо и болно, зар и тоа не е лошо? Ако го однесеш тоа на твојот кнез — ќе биде ли тој задоволен од тоа и ќе те прими ли со радост? — вели Господ Саваот.

9И така, молете Му се на Бога за да нѐ помилува; но штом таква работа излегува од рацете ваши, ќе може ли Тој тоа милостиво да го прими? — вели Господ Саваот.

10Подобро е некој од вас да ја зат­вори вратата и да не се пали напразно оган на Мојот жртвеник! Не сте Ми мили, вели Господ Саваот, и не сакам да примам дар од вашите раце.

11Зашто од сончевиот исток па сѐ до запад името Мое е големо меѓу народите, и тие на секое место принесуваат темјан и чиста жртва; големо е името Мое меѓу народите, вели Господ Саваот.

12А вие го сквернавите со тоа што велите — трпезата Господова не за­слу­жу­ва почитување и храната на неа е безвредна!

13А притоа велите уште: ете колку голем труд, а можеше и без тоа, вели Господ Саваот; принесувате крадено, куцо и болно, а притоа принесувате уште и таков лебен дар: па можам ли со благонаклоност да го примам тоа од вашите раце? — вели Господ Саваот.

14Нека е проклет оној што лаже, оној кој во стадото свое има здрав овен, а дал и завет, па во жртва на Господ Му принесува јалова овца! Зашто Јас сум Цар голем и името Мое е почитувано меѓу народите, вели Господ Саваот.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
/div>