Малахија 2:1-17 MKDB2006 - Bible AI

1И така, за вас свештениците е оваа заповед:

2ако не послушате и не си ставите на срце, за да Му оддадете слава на името Мое, вели Господ Саваот, Јас ќе испратам врз вас проклетство и ќе ги проколнам вашите благослови, и веќе проколнувам, бидејќи вие не сакате ова да го примите на срце.

3И, ете, јас ќе ви го одземам трудот, и нечистотијата ќе ви ја фрлам врз лицето ваше, нечистотиите од вашите празнични жртви, и ќе ве исфрлам заедно со нив.

4И тогаш ќе познаете дека Јас ја дадов таа заповед, за да го запазам за­ветот Мој со Левиј, вели Господ Саваот.

5Заветот Мој со него беше завет за живот и мир, и Јас му го дадов за страв, и тој се боеше од Мене и од името Мое се плашеше.

6Законот на вистината беше на устата негова, и неправда не се најде на јазикот негов; во мир и правда тој одеше со Мене и многумина одврати од грев.

7Зашто устата на свештеникот тре­ба да располага со знаење, и Законот го бараат од устата негова, бидејќи тој е гласник на Господ Саваот.

8А вие застранивте од овој пат, на многумина им послуживте како со­блазна во Законот, го разрушивте заветот на Левиј, вели Господ Саваот.

9Затоа Јас ве направив презрени и понизени пред сите народи, зашто не ги запазивте патиштата Мои и пристрасно го применувате Мојот Закон.

10Зар сите немаме еден и ист Отец? Нели Единиот Бог нѐ создаде? Зошто тогаш вероломно постапуваме еден со друг, нарушувајќи го на тој начин заветот на нашите татковци?

11Вероломно постапи Јуда, и од­врат­ност се врши во Израил и во Ерусалим; Јуда ја оскверни светињата, омилена на Господ, а освен тоа и се ожени со ќерка на туѓ бог.

12Господ нека го истреби од шаторите на Јаков секој, кој прави така, секој што сведочи, одговара или принесува жртва на Господ Саваот!

13А го правите и ова — го обливате со солзи жртвеникот Господов, пла­чејќи и воздивнувајќи, така што Тој веќе и не гледа на приносот и не ја прима жртвата за милост од рацете ваши.

14Вие, пак, прашувате — зошто? Поради тоа што Господ беше сведок меѓу тебе и жената од твојата младост, на која не ѝ беше верен, иако таа ти е помошничка и твоја законска жена.

15Зар Тој не направи да бидеш едно тело и еден дух со неа? И што сакаше Тој со тоа? Тој сакаше да добие потомство од Бога. Па така, пазете го духот свој и никој да не ја изневерува жената од својата младост.

16Зашто Јас мразам развод — вели Господ, Бог Израилев — и човек што си ја опоганува својата облека со не­верство, вели Господ Саваот. Затоа пазете го духот свој да не постапувате вероломно.

17Вие Го разгневувате Господа со своите зборови, велејќи: па со што го лутиме? Со тоа што велите — секој што прави зло, добар е пред очите на Господ и таквите Му се мили, а и каде е Бог, Кој право суди?

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
/div>