1ⓘИ кога се приближи до Ерусалим, во Витфагија и Витанија, кај Маслиновата Гора, испрати Исус двајца од учениците,
2ⓙи им рече: „Одете во селоно, што е наспроти вас, па штом ќе влезете во него, ќе најдете врзано младо магаре, што ниеден човек не го јавал; одврзете го и доведете го!
3И, ако ви рече некој: ‚Зошто го правите тоа?‘ Кажете дека Му е потребно на Господ; и тој веднаш ќе го прати тука.“
4Тие отидоа и го најдоа младото магаре, врзано за портата однадвор, на крстопатот и го одврзаа.
5И некои од оние, што стоеја таму, им рекоа: „Што правите? Зошто го одврзувате?“
6А овие им одговорија, како што им беше заповедал Исус и тие ги оставија.
7И го доведоа младото магаре кај Исус, ги кладоа врз него алиштата свои и Тој седна на него.
8И мнозина ги постилаа своите облеки по патот.
9ⓚА оние, што одеа пред Него и по Него, викаа и велеа: „Осана! Благословен е Оној што иде во името Господово!
10ⓛБлагословено е царството на нашиот татко Давид, кое иде во името Господово! Осана во висините!“
11И влезе Исус во Ерусалим, во храмот, разгледа сѐ, па, бидејќи веќе беше доцна, излезе и отиде со дванаесетте во Витанија.
12А утредента, кога излегоа од Витанија, Тој огладне;
13ⓜи кога оддалеку виде една смоква, покриена со лисја, се приближи, не би ли нашол нешто на неа; но, кога се доближи до неа, не најде ништо освен лисја, зашто уште не беше времето за смокви.
14ⓝИ Исус ѝ рече: „Отсега никој довека да не вкуси плод од тебе!“ И го чуја тоа учениците Негови.
15ⓞИ пак дојдоа во Ерусалим. Кога влезе Исус во храмот, почна да ги брка оние, што продаваа и купуваа во храмот, и им ги преврте масите на менувачите на пари и столовите на оние, што продаваа гулаби;
16и не дозволуваше никој преку храмот да пренесе каков и да било сад.
17ⓟИ ги поучуваше, велејќи: „Не е ли напишано: ‚Домот Мој, дом за молитва на сите народи ќе се нарече‘? А вие го направивте како разбојничко гнездо!“
18ⓠИ кога го чуја тоа книжниците и првосвештениците, гледаа како да Го погубат, бидејќи се плашеа од Него, зашто сиот народ се восхитуваше на Неговото учење.
19ⓡА кога се стемни, Тој излезе надвор од градот.
20ⓢУтредента, минувајќи, ја видоа смоквата исушена откорен.
21И кога се сети, Петар Му рече: „Рави, погледај! Смоквата, што ја проколна, се исушила!“
22ⓣА Исус им одговори и рече:
23ⓤ„Имајте вера во Бога. Зашто, вистина ви велам ако некој ѝ рече на оваа планина: ‚Дигни се и фрли се в море!‘ и не се посомнева во срцето свое, туку поверува дека ќе биде како што рекол, ќе му се исполни, што и да каже.
24ⓥЗатоа ви велам: сѐ што ќе побарате во молитва, верувајте дека ќе го добиете — и ќе ви биде.
25ⓦИ кога стоите на молитва, простувајте, ако имате нешто против некого, па и вашиот небесен Отец да ви ги прости вашите гревови.
26ⓧАко ли, пак, вие не простувате, и вашиот небесен Отец нема да ви ги прости гревовите ваши.“
27ⓨИ пак дојдоа во Ерусалим; а кога одеше низ храмот, се приближија до Него првосвештениците и книжниците и старешините,
28па Му рекоа: „Со каква власт го правиш тоа? Или кој Ти ја дал таа власт, да го правиш тоа?“
29Исус им одговори и рече: „Ќе ве прашам и Јас за нешто и одговорете Ми, а потоа и Јас ќе ви кажам, со каква власт го вршам тоа.
30ⓩКрштавањето Јованово од небото ли беше, или од луѓето? Одговорете Ми!“
31ⓐА тие си мислеа во себе и велеа: „Ако кажеме ‚Од небото‘ — ќе рече: ‚Па зошто не му поверувавте?‘
32ⓑНо, ако кажеме, ‚Од луѓето‘“ — се плашеа од народот; зашто сите го сметаа Јован за вистински пророк.
33И одговарајќи Му на Исус, рекоа: „Не знаеме.“ А Исус им одговори и рече: „Ни јас не ви кажувам, со каква власт го вршам тоа.“