Марко 13:1-37 MKDB2006 - Bible AI

1А кога излегуваше од храмот, еден од учениците Негови Му рече: „Учителе, гледај какви камења и какви згради!“

2Исус, пак, му одговори и рече: „Ги гледаш ли овие големи згради? Ни ка­мен на камен нема да остане овде, што не ќе биде урнат!“

3А кога седеше на Маслиновата Гора, спроти храмот, Го прашаа насамо Пе­тар, Јаков, Јован и Андреј:

4„Кажи ни, кога ќе биде тоа и кој е знакот, кога ќе се сврши сето тоа?“

5Исус, одговарајќи им почна да збо­ру­ва: „Чувајте се да не ве прелаже не­кој!

6Зашто мнозина ќе дојдат во Мое име, говорејќи дека сум Јас; и ќе пре­лажат мнозина.

7А кога ќе чуете за војни и гласови за војни, не плашете се; зашто сето тоа треба да се случи; но тоа уште не е крајот.

8Ќе се дигне народ против народ, и царство против царство; а на некои мес­та ќе има и земјотреси и глад. Тоа е по­четокот на болките.

9Но вие чувајте се, зашто ќе ве предадат на судови; а по синагогите ќе ве би­јат, и пред управници и пред цареви ќе бидете изведувани заради Мене, за све­доштво пред нив.

10И кај сите народи најнапред треба да се проповеда Евангелието.

11Кога, пак, ќе ве поведат, за да ве предадат, не грижете се однапред што ќе го­ворите, ниту размислувајте; туку она, што ќе ви се даде во тој час, тоа кажете го; не сте вие што ќе зборувате, туку Светиот Дух.

12И брат брата ќе предаде на смрт, и татко чедо, и ќе се дигнат децата против родителите, и ќе ги предадат на смрт.

13Ќе бидете намразени од сите заради Моето име; кој ќе претрпи до крај, тој ќе биде спасен.“

14„А кога ќе видите дека гнасниот пустошник се сместил каде што не тре­ба — кој чита, нека разбере — тогаш, оние што се во Јудеја, нека бегаат по планините;

15и кој е на покривот, да не слегува во куќата, ниту да влегува да земе нешто од куќата своја;

16и кој е на нива, да не се враќа за да ја земе облеката своја!

17Но тешко на бремените и на оние што дојат во тие дни!

18Туку молете се, бегањето ваше да не биде зиме!

19Зашто во тие дни ќе има мака, как­ва немало досега од почетокот на светов, што го создаде Бог, а и нема да има.

20И ако Бог не ги скратеше тие дни, тогаш не би се спасил ниеден човек; но заради избраните, кои ги избра Тој, ќе ги скрати дните.

21Тогаш, ако ви каже некој: ‚Еве, ов­де е Христос‘, или ‚Ене, таму е‘, не верувајте!

22Зашто, ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, и ќе покажат знаци и чуда, за да ги прелажат, ако е можно, и избраните.

23Но вие — чувајте се! Ете, сѐ од­нап­ред ви кажав!

24Во тие дни, по маките, сонцето ќе потемни и месечината нема да ја дава својата светлина,

25и ѕвездите небески ќе паѓаат, и си­лите, што се на небото, ќе попуштат.

26И тогаш ќе Го видат Синот Чо­веч­ки, како иде на облаци со голема сила и слава.

27Тогаш Тој ќе ги испрати ангелите Свои и ќе ги собере Своите избрани од четирите ветра, од крајот на земјата до крајот на небото.

28Со смоквата направете споредба: кога нејзините гранки се подмладуваат и пуштаат лисја, знаете дека е близу ле­тото.

29Па така и вие, кога ќе видите дека сето тоа се случува, знајте дека е близу, пред врата!

30Вистина ви велам: нема да помине овој род, додека сето тоа не се исполни.

31Небото и земјата ќе исчезнат, но зборовите Мои нема да исчезнат!“

32„А за тој ден и час никој не знае, ни ангелите небесни, ниту Синот, а само Отецот.

33Внимавајте, бидете будни и молете се, зашто не знаете кога ќе биде часот.

34Како човек, кој заминувајќи, ја ос­тава куќата своја и им дава власт на слугите свои, секому своја работа, на вратарот му заповеда да биде буден.

35Бидете будни, зашто не знаете кога ќе дојде домаќинот на куќата, прик­ве­чер ли, или на полноќ, или петлите кога ќе пропеат, или наутро,

36па да не дојде ненадејно и да ве за­тече како спиете.

37Што ви зборувам вам, им го зборувам на сите: Бидете будни!“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
iv>