Марко 14:1-72 MKDB2006 - Bible AI

1По два дни беше Пасха и празникот Бесквасници. А првосвеш­тениците и книжниците сакаа да Го фа­тат на измама и да Го убијат;

2но велеа: „На празникот не, за да не стане бунт меѓу луѓето.“

3А кога беше Тој во Витанија, во ку­ќата на Симон Лепрозниот, и седеше на трпеза, дојде една жена со шишенце скапоцен и чист нардов мирис и, кога го искрши шишенцето, го изли мирисот врз главата Негова.

4А некои негодуваа во себе и говореа: „Зошто мирисот да се растура?

5Тоа можеше да се продаде за повеќе од триста денарии, и да им се раздадат на сиромасите.“ И негодуваа против неа.

6Но Исус рече: „Оставете ја неа; зош­то ја буните? Таа направи добро дело за Мене!

7Сиромасите секогаш ги имате со вас и кога сакате, можете да им направите добро; но Мене Ме немате секогаш.

8Тоа што можеше, таа го направи: однапред го помаза телото Мое за по­гребение.

9Вистина ви велам: каде и да се про­поведа ова Евангелие, по целиот свет ќе се прикажува за нејзин спомен и тоа, што го направи таа.“

10Тогаш Јуда Искариот, еден од два­наесетте, отиде кај првосвештениците за да им Го предаде.

11А тие, штом чуја, се зарадуваа и ве­тија да му дадат пари. И бараше погодно време за да Го предаде.

12Во првиот ден на Бесквасници, кога го колеа Пасхалното јагне, учениците Негови Му рекоа: „Каде сакаш да оти­деме и да приготвиме, за да ја јадеш Пасхата?“

13И прати двајца од учениците Свои, па им рече: „Отидете в град; и ќе ве сретне еден човек, што ќе носи вода во стомна; одете по него.

14И каде што ќе влезе тој, кажете му на домаќинот: ‚Учителот прашува: каде е собата, во која ќе ја јадам Пасхата со учениците Свои?‘

15И тој ќе ви покаже голема соба, послана, приготвена; таму згответе ни.“

16И излегоа учениците Негови и дојдоа во градот, и најдоа како што им бе­ше рекол, па ја приготвија Пасхата.

17А кога се стемни, Тој дојде со два­наесетте.

18И кога седеа и јадеа, Исус им рече: „Вистина ви велам: еден од вас, што јаде со Мене, ќе Ме предаде.“

19Тие се разжалостија и почнаа еден по друг да прашуваат: „Да не сум јас?“

20А Тој им одговори и рече: „Еден од дванаесетте е, што мака со Мене во чи­нијата.

21Но Синот Човечки заминува, како што е пишано за Него. Само тешко му на оној човек, преку кого Синот Чо­веч­ки ќе биде предаден; подобро ќе беше за тој човек, да не се беше родил!“

22И кога јадеа, зеде Исус леб, го бла­гослови, го прекрши, па им даде и рече: „Земете, јадете; тоа е Моето тело.“

23Потоа ја зеде чашата, заблагодари и им ја даде; и се напија од неа сите.

24И им рече: „Тоа е Мојата крв на Новиот завет, која се пролива за мнозина.

25Вистина ви велам: Јас нема да пијам веќе од лозовиот плод сѐ до оној ден, кога ќе пијам нов во царството Божјо.“

26Па, откако испеаја благодарствена песна, се искачија на Маслиновата Го­ра.

27И им рече Исус: „Сите ќе се соб­лаз­ните заради Мене во оваа ноќ, зашто е напишано: ‚Ќе го удрам пастирот и ќе се разбегаат овците.‘

28Но после, кога ќе воскреснам, ќе отидам во Галилеја пред вас.“

29А Петар Му рече: „Дури и сите да се соблазнат, јас не!“

30Му рече Исус: „Вистина, ти велам дека уште денес, во оваа ноќ, пред да запее петел двапати, ти трипати ќе се откажеш од Мене!“

31Но тој уште повеќе тврдеше: „Ако треба дури и да умрам со Тебе, нема да се одречам од Тебе.“ И сите така рекоа.

32Пристигнаа во пределот, по име Гетсиманија; и им рече на учениците Свои: „Седете овде, додека отидам да се помолам!“

33И ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јо­ван; се замисли и почна да тагува,

34па им рече: „Душата Ми е до смрт нажалена; останете тука и бидете буд­ни!“

35И штом се оддалечи малку, се фрли на земја и се молеше, за да Го одмине овој час, ако е можно;

36и велеше: „Ава, Оче! Сѐ е можно за Тебе; отклони ја од Мене оваа чаша; се­пак не како Јас што сакам, туку како Ти!“

37Па дојде и ги затече да спијат, и му рече на Петар: „Симоне, спиеш ли? Не можеше ли еден час да бидеш буден?

38Бидете будни и молете се да не паднете во искушение: духот е бодар, но телото е слабо.“

39И пак отиде и се помоли, изгова­рај­ќи ги истите зборови.

40А кога се врати, ги најде пак како спијат, зашто очите им беа натежнале; и не знаеја што да Му одговорат.

41И по третпат дојде и им рече: „Са­мо спиете и почивате! Свршено е, дојде часот; еве, се предава Синот Човечки во рацете на грешници.

42Станете да одиме! Еве, наближи оној што Ме предава.“

43И веднаш, додека Тој сѐ уште гово­реше, Јуда, еден од дванаесетте, дојде, и со него многу народ со мечеви и со ста­пови, испратени од првосвештениците, книжниците и старешините.

44А оној, што Го предаваше, им беше дал знак, велејќи: „Кого ќе Го целивам, Тој е: фатете Го и водете Го претпазливо!“

45Па, кога дојде, веднаш се приближи до Него и рече: „Рави!“ И Го целива.

46А тие ги кладоа рацете свои на Не­го и Го фатија.

47Еден, пак, од оние, што стоеја таму, извади нож, го удри слугата на прво­свештеникот и му го отсече увото.

48Исус им одговори и рече: „Зар како на разбојник сте излегле со ножеви и колови, за да Ме фатите?

49Секој ден бев со вас во храмот и по­учував, и не Ме фативте. Но, нека се ис­полнат Писмата.“

50И откако Го оставија, сите се разбегаа.

51А по Него врвеше еден млад човек, наметнат со платниште на голо тело; и војниците го фатија.

52Но тој, кога го остави платништето, побегна од нив необлечен.

53И Го доведоа Исус кај прво­свеш­те­никот, и се собраа таму сите прво­свеш­теници, старешини и книжници.

54А Петар врвеше по Него оддалеку и влезе внатре, во дворот на прво­свеш­теникот; па седна со слугите и се гре­е­ше на огнот.

55Првосвештениците и целиот Синед­рион бараа сведоштва против Исус, за да Го убијат, и не наоѓаа.

56Зашто мнозина лажно сведочеа против Него, но тие сведоштва не се сложуваа.

57И станаа некои, па сведочеа лажно против Него, велејќи:

58„Чувме кога Тој говореше: ‚Ќе го урнам овој ракотворен храм и по три дни ќе соѕидам друг, неракотворен.‘“

59Но ни тоа нивно сведочење не беше еднакво.

60И првосвештеникот, откако застана на средина, Го праша Исуса говорејќи: „Ништо ли не одговараш? Што све­до­чат овие против Тебе?“

61Но Тој молчеше и ништо не одгова­раше. Првосвештеникот пак Го праша и Му рече: „Ти ли си Христос, Синот на Благословениот?“

62Исус рече: „Јас сум; и ќе Го видите Синот Човечки како седи од десната страна на Силата и како иде на обла­ци­те небески.“

63А првосвештеникот, пак, ја раскина облеката своја, рече: „Зошто ни се по­веќе сведоци?

64Чувте како хули на Бога; што мислите?“ И сите тие се согласија дека за­служува смрт.

65А некои почнаа да плукаат на Него, да Му го покриваат лицето, да Го уди­ра­ат и да Му велат: „Проречи!“ И слу­гите Го удираа по образите.

66Кога Петар беше долу во дворот, дојде една од слугинките на прво­свеш­теникот,

67па, штом го виде Петар како се грее, погледна во него и рече: „И ти бе­ше со Исус од Назарет.“

68Но тој одрече, велејќи: „Не знам, ниту разбирам што говориш.“ И излезе надвор пред дворот и запеа петел.

69Слугинката, кога го виде повторно, почна да им зборува на оние што стоеја таму: „И овој е од нив!“

70Тој пак одрече. Подоцна, оние, што стоеја таму, му рекоа на Петар: „Навис­тина, и ти си од нив; бидејќи си Га­ли­ле­ец, а и говорот ти е таков!“

71А тој почна да се колне и се заколна: „Не Го познавам Овој Човек, за Ко­го говорите!“

72И по вторпат петел запеа. Петар се сети на зборовите, што му ги кажа Исус: „Уште пред двапати петел да за­пее, трипати ќе се одречеш од Мене.“ И почна да плаче.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
iv>