1ⓑШтом мина саботата, Марија Магдалена, Марија Јаковова и Саломија купија мириси, за да дојдат и да Го помазаат Исус.
2И во првиот ден од седмицата, дојдоа на гробот многу рано, кога изгреваше сонцето,
3ⓒпа си зборуваа меѓу себе: „Кој ќе ни го одвали каменот од вратата на гробот?“
4И кога погледнаа, видоа дека каменот е одвален, а тој беше многу голем.
5ⓓШтом влегоа во гробот, видоа еден млад човек, облечен во бели алишта, како седи од десната страна; и се уплашија многу.
6ⓔА тој им рече: „Не плашете се! Вие Го барате Исус од Назарет, Распнатиот. Тој воскресна, не е овде! Еве го местото каде што беше положен.
7ⓕНо одете, кажете им на учениците Негови и на Петар дека Тој пред вас ќе отиде во Галилеја; таму ќе Го видите, како што ви беше рекол.“
8ⓖПа, штом излегоа, побегнаа од гробот, зашто ги опфати страв и ужас, и никому ништо не рекоа, зашто се плашеа.
9ⓗА Исус, кога воскресна во првиот ден од седмицата, ѝ се јави најнапред на Марија Магдалена, од која беше истерал седум демони.
10ⓘТаа отиде и им јави на оние, што беа со Него и што плачеа и ридаа.
11ⓙНо тие, кога чуја дека е Тој жив и дека таа Го видела, не поверуваа.
12Потоа им се јави во друг лик на двајца од нив по пат, кога одеа в село.
13ⓚИ штом се вратија, тие им кажаа на другите; но и ним не им поверуваа.
14ⓛНајпосле им се јави на единаесетте, кога беа на трпеза, и ги укори за нивното неверие и тврдокорност, зашто не им поверуваа на оние, кои Го видоа воскреснат.
15ⓜПа им рече: „Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание.
16ⓝКој ќе поверува и се крсти, ќе биде спасен; а кој не поверува, ќе биде осуден.
17ⓞА знаците, на оние што ќе поверуваат, ќе им бидат овие: со Моето име ќе истеруваат демони; ќе говорат нови јазици;
18ⓟќе фаќаат змии и ако нешто смртоносно испијат, нема да им наштети; на болни ќе полагаат раце и тие ќе оздравуваат.“
19ⓠА по разговорот со нив, Господ се вознесе на небо и седна од десната страна на Бога.
20ⓡТие, пак, отидоа и проповедаа насекаде; и Господ го поткрепуваше словото нивно со чуда, што се јавуваа. Амин!