Марко 8:1-38 MKDB2006 - Bible AI

1Во тие дни, кога се беше собрал многу народ и немаше што да јадат, Исус ги повика учениците Свои и им рече:

2„Ми е жал за народот, зашто веќе три дни стојат кај Мене и нема што да јадат.

3Ако ги пуштам да си одат гладни по куќите нивни, ќе премалеат по патот, зашто некои се дојдени оддалеку.“

4Учениците Му одговорија: „Од каде може човек сите овие да ги нахрани со леб, овде во пустинава?“

5И ги праша: „Колку лебови имате?“ А тие одговорија: „Седум.“

6Тогаш му заповеда на народот да по­седне по земјата; па, откако ги зеде се­думте лебови, заблагодари, ги раскрши и им ги даде на учениците Свои да ги разделат; и тие ги разделија на народот.

7Имаа и малку риби; ги благослови и заповеда да ги раздадат и нив.

8И јадеа, и се наситија; и собраа се­дум кошници останати парчиња.

9А оние, што јадеа, беа околу четири илјади души. И ги пушти да си одат.

10И веднаш влезе во кораб со уче­ни­ците Свои и дојде во пределите Дал­ма­нутски.

11И излегоа фарисеите и почнаа да се препираат со Него, па искушувајќи Го, Му бараа чудесен знак од небото.

12А Тој воздивна длабоко и рече: „Зошто овој род бара чудесен знак? Вистина ви велам: нема да му се даде чудесен знак на овој род.“

13И кога ги остави, пак влезе во ко­ра­бот и премина на другата страна.

14А тие, пак, беа заборавиле да земат леб и во коработ имаа само еден леб.

15А Тој им заповеда и рече: „Вни­ма­вајте, чувајте се од квасот фарисејски и од квасот Иродов!“

16И си размислуваа меѓу себе, ве­леј­ќи: „Тоа е затоа што немаме леб.“

17А Исус, кога ги разбра, им рече: „Зошто зборувате за тоа што немате леб? Зар уште не знаете и не разбирате? Уште ли е скаменето вашето срце?

18Очи имате, не гледате ли? Уши имате, не слушате ли? И не помните ли?

19Кога ги раскршив петте леба, за пет илјади души, колку полни кошеви со парчиња собравте?“ Му рекоа: „Два­на­е­сет.“

20„А седумте — за четири илјади, кол­ку кошници со останати парчиња соб­равте?“ Тие одговорија: „Седум.“

21И им рече: „Па како тогаш не раз­бирате?“

22Потоа дојде во Витсаида; и доведоа кај Него слеп и Го молеа да се допре до него.

23И кога го зеде слепиот за рака, го изведе надвор од селото и, откако плукна на очите негови, ги положи рацете над него, па го праша дали гледа нешто.

24Тој, кога погледна, рече: „Ги гледам луѓето како дрвја, но тие одат.“

25Потоа пак ги положи рацете над очите негови и му рече да погледа. И му се поврати видот и ги гледаше сите јасно.

26И го испрати во домот негов и му рече: „Не навраќај в село!“

27И излезе Исус со учениците Свои по селата на Кесарија Филипова. По па­тот ги праша учениците Свои и им ре­че: „За кого Ме мислат луѓето?“

28Тие одговорија: „За Јован Крс­ти­тел, некои за Илија, а други, пак, за не­кој од пророците.“

29Тој, пак, им рече: „А вие, за кого Ме мислите?“ Петар Му одговори и ре­че: „Ти си Христос!“

30И им заповеда никому да не говорат за Него.

31Па почна да ги учи дека Синот Чо­вечки треба многу да пострада, да биде отфрлен од старешините, првосвеш­те­ниците и книжниците, и да биде убиен и на третиот ден да воскресне.

32И говореше за тоа отворено. Но Петар, Го повлече настрана и почна да Го одвраќа.

33А Тој, кога се заврте и ги погледна учениците Свои, му забрани на Петар да говори и рече: „Бегај од Мене, сата­но! Зашто не мислиш на она што е Божјо, туку на она што е човечко!“

34И кога го повика народот и уче­ниците Свои, им рече: „Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене.

35Зашто, кој сака да го спаси својот живот, ќе го загуби; а кој го загуби жи­вотот свој заради Мене и Евангелието, тој ќе го спаси.

36Зашто каква полза има човек, ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости?

37Или каков откуп ќе даде човек за својата душа?

38Зашто, кој се срами од Мене и од зборовите Мои во овој прељубодеен и грешен род, и Синот Човечки ќе се сра­ми од него, кога ќе дојде во славата на Својот Отец со светите ангели.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
v>