Марко 9:1-50 MKDB2006 - Bible AI

1И им рече: „Вистина ви велам: тука стојат некои, што нема да вкусат смрт, додека не го видат царството Божјо, дојдено во сила.“

2А по шест дни, Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јован и ги одведе сами на висока гора, насамо, и се преобрази пред нив.

3Алиштата Му станаа светли, многу бели, како снег, какви што белило на земјата не може да избели.

4И им се јави Илија со Мојсеј, и разговараа со Исус.

5Тогаш проговори Петар и Му рече на Исус: „Рави, добро ни е да бидеме овде; да направиме три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија.“

6Зашто не знаеше што да каже, би­дејќи беа многу уплашени.

7И се појави облак, па ги засени; и од облакот дојде глас, кој велеше: „Овој е Мојот возљубен Син, Него слушајте Го!“

8И одеднаш, кога погледнаа наоколу, никого веќе не видоа покрај себе, освен Исус.

9А кога слегуваа од гората, им за­по­веда никому да не кажуваат што ви­де­ле, додека Синот Човечки не воскресне од мртвите.

10И го задржаа тој збор во себе, прашувајќи се еден со друг што значи тоа: „Да воскресне од мртвите?“

11И Го прашаа, велејќи: „А зошто книжниците велат дека најнапред треба да дојде Илија?“

12А Тој, пак, одговори и рече: „Илија ќе дојде порано и ќе уреди сѐ; а Синот Човечки, како што е напишано за Него, треба да пострада многу и да биде понизен.

13Но ви велам дека и Илија дојде, ка­ко што е напишано за Него, и му на­пра­вија што сакаа.“

14И кога дојде кај учениците Свои, виде многу народ околу нив и книж­ни­ци, кои се препираа со нив.

15И штом Го виде, сиот народ се ис­плаши; а кога се приближија, Го поздравуваа.

16Ги праша книжниците: „Зошто се препирате со нив?“

17Тогаш еден од народот одговори и рече: „Учителе, го доведов кај Тебе син ми, во кого има нем дух;

18и секогаш, каде и да го фати, го кутнува, и тој се запенува, и крцка со забите, и се здрвува. И им кажав на уче­ниците Твои да го изгонат, но тие не можеа.“

19А Исус одговори и рече: „О, роде неверен, до кога ќе бидам со вас? До ко­га ќе ве трпам? Доведете го кај Мене!“

20И кога го доведоа кај Него — штом го виде, веднаш духот го стресе; и тој падна наземи и се валкаше запенет.

21Го праша Исус татко му: „Колку време има откако станува тоа со него?“ Тој одговори: „Од детството;

22и многупати духот го фрлал во оган, и во вода, за да го погуби: но, ако можеш, смилувај се над нас и помогни ни!“

23А Исус му рече: „Ако можеш да поверуваш — сѐ е можно за оној што верува!“

24И одеднаш таткото на момчето из­вика и со солзи рече: „Верувам, Гос­поди, помогни му на моето неверие!“

25А Исус, штом виде дека се собра народ, строго му заповеда на нечистиот дух и му рече: „Духу нем и глув. Јас ти заповедам: излези од него, и не влегувај веќе во него!“

26И кога извика, силно го стресе и из­лезе; а момчето беше како мртво, така што мнозина велеа дека умрело.

27Исус, пак, откако го фати за рака, го исправи; и тоа стана.

28И кога влезе Исус во една куќа, учениците Негови Го прашаа насамо: „Зошто ние не можевме да го исте­раме?“

29Им одговори: „Овој род со ништо не може да се истера, освен со молитва и пост.“

30И кога излегоа оттаму, минуваа преку Галилеја; и Тој не сакаше некој да разбере.

31Зашто ги учеше учениците Свои и им велеше дека Синот Човечки ќе биде предаден во човечки раце, и ќе Го убијат, и на третиот ден по убивањето ќе воскресне.

32Но тие не ги разбираа овие зборови и се плашеа да Го прашаат.

33И дојде во Капернаум; и кога беше дома, ги праша: „Што размислувавте меѓу себе патем?“

34Тие молчеа, зашто патем се препираа меѓу себе, кој е поголем.

35Тој седна и ги повика дванаесетте, па им рече: „Кој сака да биде прв, нека биде последен од сите, и слуга на — си­те!“

36И тогаш зеде едно дете, го постави меѓу нив, го гушна и им рече:

37„Кој прима едно такво дете во Мое име, Мене Ме прима, а кој Ме прима Мене, не Ме прима Мене, туку Оној, Кој Ме пратил.“

38Тогаш Јован Му одговори и рече: „Учителе, видовме еден, кој во Твое име изгонува демони, а не врви по нас; и му забранивме, зашто не оди по нас.“

39А Исус рече: „Не бранете му, заш­то никој, што прави чудо во Мое име, не ќе може наскоро да говори зло за Мене.

40Зашто, кој не е против вас, тој е со вас.

41И кој ве напои со чаша вода во Мое име, затоа што сте Христови, вистина ви велам, нема да остане без награда.“

42„А кој ќе соблазни едно од овие ма­лите, што веруваат во Мене, за него е подобро да му обесат воденички камен на вратот и да го фрлат в море.

43И ако те соблазнува раката твоја, отсечи ја; подобро е за тебе без рака да влезеш во животот, отколку да имаш две раце и да отидеш во пеколот, во неизгасливиот оган,

44(каде што нивниот црв не умира, и огнот не изгаснува.)

45И, ако те соблазнува ногата твоја, отсечи ја; подобро е за тебе сакат да влезеш во животот, отколку да ги имаш двете нозе и да бидеш фрлен во пеколот, во неизгасливиот оган,

46(каде што нивниот црв не умира ни огнот не изгаснува.)

47И, ако окото твое те соблазнува, из­вади го; подобро е за тебе со едно око да влезеш во царството Божјо, отколку да имаш две очи и да бидеш фрлен во ог­нениот пекол,

48каде што нивниот црв не умира, и огнот не изгаснува.

49Зашто секој со оган ќе се посоли, (и секоја жртва со сол ќе се осоли).

50Солта е добра; но, ако солта облута­ви, со што ќе ја осолите? Затоа имајте сол во себе, и мир имајте меѓу себе!“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
v>