1ⓒТогаш пристапија кон Исус фарисеите и садукеите и, искушувајќи Го, побараа да им покаже чудо од небото.
2Тој, одговарајќи им, рече: „Навечер велите: ‚ќе биде ведро, зашто небото е црвено‘;
3а наутро: ‚денес ќе има невреме, зашто небото е матно.‘ Лицемери, изгледот на небото можете да го распознавате, а знаците на времињата не можете?
4ⓓРод лукав и прељуботворен бара знак, но знак нема да му се даде освен знакот на пророкот Јона.“ Па оставајќи ги, си замина.
5И преоѓајќи на спротивната страна, учениците Негови заборавија да земат леб.
6ⓔИсус им рече: „Внимавајте и чувајте се од квасецот фарисејски и садукејски!“
7А тие помислија во себе и си рекоа: „Тоа е што не зедовме леб!“
8ⓕНо Исус ги разбра и им рече: „Маловерни, зошто мислите во себе дека не сте зеле леб?
9ⓖУште ли не разбирате и не помните за петте леба на пет илјади души, и колку кошеви собравте?
10ⓗНиту за седумте леба на четири илјади души, и колку кошници собравте?
11ⓘКако не разбирате дека не ви зборував за леб: ‚Чувајте се од квасот фарисејски и садукејски!‘“
12Тогаш разбраа дека Тој им беше рекол да се пазат не од лебниот квас, туку од учењето фарисејско и садукејско.
13ⓙИ кога дојде Исус во областа на Кесарија Филипова, ги праша учениците Свои и рече: „Што велат луѓето, кој е Синот Човечки?“
14ⓚТие одговорија: „Едни дека е Јован Крстител, други дека е Илија, а некои дека е Еремија или дека е еден од пророците.“
15А Тој им рече: „А вие, што мислите, Кој сум Јас?“
16ⓛСимон Петар одговори и рече: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог.“
17ⓜТогаш Исус му одговори и рече: „Блажен си ти, Симоне, сине Јонин, зашто тело и крв не ти го открија тоа, туку Мојот Отец, Кој е на небесата.
18ⓝА Јас тебе ти велам: ти си Петар и на тој камен[8] ќе ја изградам црквата Своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат.
19ⓞИ ќе ти ги дадам клучевите од небесното царство, и што ќе сврзеш на земјата, ќе биде сврзано на небесата; а што ќе разврзеш на земјата, ќе биде разврзано и на небесата.“
20ⓟТогаш Исус им заповеда на учениците Свои да не кажуваат никому дека Тој е Христос.
21ⓠОттогаш почна Исус на Своите ученици да им открива дека Тој треба да отиде во Ерусалим и да пострада многу од старешините, првосвештениците и книжниците и да биде убиен, и на третиот ден да воскресне.
22А Петар Го повлече настрана, почна да Му говори, зборувајќи: „Биди милостив кон Себе, Господи; тоа со Тебе нема да се случи!“
23ⓡНо Тој се заврте и му рече на Петар: „Бегај од Мене, сатано! Ти си Ми соблазна, зашто мислиш не за она што е Божјо, туку за она што е човечко!“
24ⓢТогаш Исус им рече на учениците Свои: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека Ме следи;
25ⓣзашто, кој сака да го спаси животот свој, ќе го загуби; а кој ќе го загуби својот живот заради Мене, ќе го најде:
26зашто, каква полза е за човек ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости? Или каков откуп ќе даде човек за својата душа?
27ⓤЗашто Синот Човечки ќе дојде во славата на Својот Отец, со ангелите Свои, и тогаш ќе му даде на секој според делата негови.
28ⓥВистина ви велам: тука стојат некои што нема да вкусат смрт додека не Го видат Синот Човечки како доаѓа во царството Свое.“