Матеј 18:1-35 MKDB2006 - Bible AI

1Во тој час се приближија учениците до Исус и рекоа: „Кој е најголем во царството небесно?“

2И Исус повика едно дете, го постави меѓу нив

3и им рече: „Вистина ви велам, ако не се промените и не бидете како деца, не­ма да влезете во царството небесно:

4кој ќе биде понизен како ова дете, тој е најголем во царството небесно;

5и кој прима такво дете во Мое име, Мене Ме прима.“

6„Кој ќе соблазни[11] едно од овие ма­ли, за него е подобро да му се обеси во­денички камен на вратот и да потоне во морска длабочина.

7Тешко му на светот од соблазни, зашто соблазните треба да дојдат; но тешко му на оној човек, преку кого до­аѓа соблазната.

8Ако те соблазнува раката твоја или ногата твоја, отсечи ја и фрли ја од се­бе: подобро е за тебе да влезеш во животот без една рака или нога, отколку со двете раце и двете нозе да бидеш фрлен во вечниот оган;

9и ако те соблазнува окото твое, извади го и фрли го од себе: подобро е за те­бе да влезеш во животот со едно око, отколку да ги имаш и двете очи, а да би­деш фрлен во огнениот пекол.“

10„Гледајте да не презрете едно од овие мали, зашто, ви велам, нивните ан­гели на небесата секогаш го гледаат ли­цето на Мојот Отец небесен.

11(Зашто Синот Човечки дојде да го бара и спаси загубеното.)

12Што мислите? Ако некој има сто овци и една од нив се загуби, нема ли да ги остави деведесет и деветте в планина и да појде да ја бара загубената овца?

13Па, ако ја најде, ве уверувам дека ќе се радува за неа повеќе отколку за де­ве­десет и деветте незагубени.

14Така и вашиот Отец небесен не са­ка да загине ниедно од овие, маливе.“

15„Ако згреши против тебе братот твој, оди и искарај го насамо; ако те послуша, си го придобил брата си;

16ако не те послуша, поведи со себе уште еден или двајца, па со устата на двајца или тројца сведоци нека се по­тврди секој збор;

17ако, пак, не ги послуша и нив, кажи ѝ на црквата; па, ако и црквата не ја по­слуша, тогаш нека ти биде тој како нез­набожец и цариник.“

18„Вистина ви велам: сѐ што ќе св­р­зе­те на земјата, ќе биде сврзано и на не­бо­то; и сѐ што ќе разврзете на земјата, ќе би­де разврзано и на небото.

19Пак ви велам: ако двајца од вас се согласат на земјата да молат за нешто, што и да било, ќе им биде дадено од Мо­јот Отец небесен;

20зашто, каде се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас сре­де нив.“

21Тогаш Петар пристапи кон Него и рече: „Господи, колкупати да му прос­там на брата си, кога ќе згреши против мене? До седумпати ли?“

22Исус му одговори: „Не ти велам до седум, туку до седумдесетпати по се­дум.“

23„Затоа царството небесно прилега на царот кој побарал да ја расчисти сметката со своите слуги.

24Кога почна да ја расчистува сметката, доведоа кај него еден што му дол­же­ше десет илјади таланти;

25па, бидејќи немаше со што да пла­ти, господарот негов нареди да го продадат него, и жена му, и децата негови, и сѐ што имаше, за да наплати.

26Тогаш тој слуга падна пред него на колена и му се поклонуваше говорејќи: ‚Господаре, стрпи се спрема мене и сѐ ќе ти платам.‘

27А господарот на тој слуга се смилува, го пушти и му го прости долгот.

28Слугата, пак, штом излезе, најде еден од другарите свои, кој му должеше сто денарии, и кога го фати, го давеше и му велеше: ‚Врати ми го долгот!‘

29Тогаш неговиот другар падна нич­кум пред нозете негови, го молеше и ве­леше: ‚Стрпи се спрема мене и сѐ ќе ти исплатам!‘

30Но тој не сакаше, туку отиде и го фрли во затвор, додека не му го ис­пла­ти долгот.

31Другарите, пак, негови, кога видоа што се случи, многу се огорчија, па отидоа и му кажаа на својот господар за сѐ што се случи.

32Тогаш господарот негов го повика и рече: ‚Зол слуго, јас ти го простив це­лиот долг, зашто ми се молеше;

33не требаше ли и ти да се смилуваш над својот другар, како што се смилував и јас над тебе?‘

34И се разгневи господарот негов, па го предаде на мачители, додека не му го исплати целиот долг.

35Така и Мојот Отец небесен ќе пос­тапи со вас, ако секој од вас не му прос­ти од срце на брата си.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
iv>