Матеј 8:1-34 MKDB2006 - Bible AI

1А кога се симна од гората, по Него врвеше многу народ.

2И ете, се приближи еден лепрозен. Му се поклонуваше и говореше: „Гос­поди, ако сакаш, можеш да ме очис­тиш.“

3А Исус кога ја подаде раката, се допре до него и рече: „Сакам, очисти се!“ И тој веднаш се очисти од лепрата.

4И му рече Исус: „Гледај, никому да не кажеш; а оди, покажи им се на свеш­тениците и принеси дар, како што за­по­ве­дал Мојсеј, ним за сведоштво.“

5А кога влезе Исус во Капернаум, се приближи до Него еден стотник[5] и Го молеше говорејќи:

6„Господи, слугата мој лежи дома фа­тен и многу страда.“

7Исус му рече: „Ќе дојдам и ќе го из­лекувам.“

8А стотникот одговори и рече: „Гос­поди, не сум достоен да влезеш под мо­јот покрив; но кажи само збор и слугата мој ќе оздрави;

9зашто и јас сум човек подвластен, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на еден од нив: ‚Оди!‘ и тој оди; на другиот: ‚Дојди!‘ и тој доаѓа; и на слугата: ‚Направи тоа!‘ и тој прави.“

10Кога го чу тоа, Исус се восхити и им рече на оние што врвеа по Него: „Вистина ви велам: ни во Израел не најдов толку голема вера.

11И ви велам дека мнозина ќе дојдат од Исток и од Запад и ќе седнат на тр­пеза со Авраам, Исак и Јаков во цар­ството небесно,

12а наследниците на царството ќе би­дат фрлени во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби.“

13И му рече Исус на стотникот: „Оди си и, нека ти биде според верата твоја!“ И слугата негов во истиот час оздраве.

14Кога дојде во домот на Петар, Исус ја виде тештата негова како лежи болна од треска,

15и се допре до раката нејзина, и трес­ката ѝ помина; таа стана и им служеше.

16А кога се стемни, доведоа кај Него мнозина обземени од демони, и Тој со еден збор ги изгони духовите и ги из­ле­кува сите болни,

17за да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој вели: „Тој врз Се­бе ги зеде нашите немоќи и ги понесе болестите.“

18Кога виде околу Себе многу народ, им заповеда на учениците да минат на другата страна.

19Тогаш се приближи до Исус еден книжник и му рече: „Учителе, ќе Те следам каде и да одиш.“

20А Исус му рече: „Лисиците имаат легла и птиците небески — гнезда; а Синот Човечки нема каде глава да нас­лони.“

21Друг, пак од учениците Му рече: „Господи, дозволи ми најнапред да отидам да го погребам татко ми.“

22Но Исус му рече: „Врви по мене, и остави ги мртвите да ги погребува­ат своите мртовци!“

23И кога влезе во коработ, по Него влегоа и учениците Негови.

24И ете, голема бура го зафати морето, така што брановите го покриваа ко­работ, а Тој спиеше.

25Тогаш се приближија учениците до Него, Го разбудија и рекоа: „Господи, спаси нѐ, загинуваме!“

26А Тој им рече: „Зошто сте толку плашливи, маловерни?“ Потоа стана, им се закани на ветровите и на морето, и настана голема тишина.

27А луѓето се зачудија и рекоа: „Кој е Овој, та и ветровите и морето Му се по­коруваат?“

28И кога пристигна на другата страна во земјата Гергесинска, Го сретнаа двај­ца обземени од демони, кои излегоа от­кај гробиштата; беа толку лоши што никој не смееше да мине по тој пат.

29И ете, извикаа и рекоа: „Што имаш со нас Ти, Исусе, Сине Божји!? Зар си дошол тука пред време да нѐ мачиш?“

30А недалеку од нив пасеа голем број свињи.

31И демоните Го молеа и говореа: „Ако нѐ изгониш, дозволи ни да вле­зе­ме во свињине!“

32И Тој им рече: „Отидете!“ И тие из­легоа и влегоа во свињите. И одеднаш сите свињи јурнаа низ стрмнината во морето и се издавија во водата.

33А свињарите побегнаа и кога дојдоа во градот, раскажаа за сето тоа и за она што се беше случило со бесомачните.

34И ете, излезе целиот град да Го пресретне Исус и кога Го видоа, Го за­молија да си оди од нивниот крај.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
v>