Михеј 4:1-14 MKDB2006 - Bible AI

1И, ете, во последните дни планината на Господовиот дом ќе биде поставена на чело над сите планини, и ќе се издигне над ридовите, и ќе поитаат кон неа народите.

2И ќе тргнат многу народи, и ќе речат: „Дојдете да се искачиме на гората Господова и да влеземе во домот на Јаков — и Тој ќе нѐ научи на Своите свети патишта, и ќе одиме по патеките Негови; зашто од Сион ќе излезе законот, и од Ерусалим — словото Гос­подово.

3Тој ќе управува со многу народи и ќе пресудува меѓу многу племиња во далечни краишта; па ќе ги прековаат мечевите свои во плугови и копјата свои — во српови; и народ против народ нема да крене веќе меч, и нема веќе да се учат да војуваат;

4секој ќе седи спокојно под лозата своја и под смоквата своја, и никој нема да се плаши, зашто устата на Господ Саваот го изрекла тоа.

5Зашто сите народи одат, секој во името на својот бог, а ние ќе одиме во името на Господ, нашиот Бог, секогаш и довека.“

6Во оној ден, вели Господ, ќе соберам сѐ што е куцо, и ќе соединам што е разгонето, и оние, врз кои сум допуштил неволја.

7И ќе направам од остатокот на ку­ците и прснатите по светот силен народ, и Господ ќе царува над нив на гората Сион од сега па довека.

8А ти, куло на стадото, риду на Сио­новата ќерка, кај тебе ќе дојде и ќе се врати поранешното владение, царството — кај ќерките ерусалимски.

9А зошто ти сега така гласно пла­чеш? Зар немаш цар или ти недостига советник, па те обзеле маки како кај родилка?

10Страдај и мачи се од болки, ќерко Сионова, како родилка, зашто сега ќе излезеш од градот, ќе живееш во полето и ќе стигнеш во Вавилон. Таму ќе бидеш избавена, таму ќе те откупи Господ од рацете на непријателите твои.

11А сега се собрани многу народи против тебе и велат: „Нека биде осквернета и очите наши да се нагледаат на Сион!“

12Но тие не ги знаат замислите на Господ и не ги разбираат намерите Негови — дека Тој ги собрал како снопје на гумно.

13Стани и удирај, ќерко Сионова, зашто Јас ќе го направам рогот твој железен и копитата твои бакарни; ќе прегазиш многу народи, и нивните трудови и богатства ќе ги посветиш на Господ — Владетелот над целата земја.

14Но сега сме со ѕидини опколени и пак сме опседнати, со прат го бијат по образите судијата на Израел.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
v>