1ⓢТешко му на крвничкиот град! Тој е полн со измама и убиства; грабењето не престанува во него.
2Се слуша плускање на бичеви и трескот од тркала како и од потскокнување на бојни коли.
3ⓣКоњаниците потскокнуваат, болскаат мечеви и светкаат копја. Многу убиени и купишта трупови! На труповите им нема крај; и се сопнуваат од нив.
4ⓤСето тоа е за многуте блудствувања на убавата на изглед развратница, вешта во магии, која со блудот свој заведува народи, а со магиите — племиња.
5ⓥЕте, Јас сум против тебе, вели Господ Саваот, ќе ја кренам полата од твојата облека врз твоето лице и ќе им ја покажам на народите твојата голотија, и на царствата — срамотиите твои.
6Ќе нафрлам врз тебе нечистотии, ќе те направам презрена, и ќе те направам за срам.
7ⓦИ секој, штом ќе те види, ќе побегне од тебе и ќе рече: „Разурната е Ниневија! Кој ќе ја пожали? Каде да најдам утешител за тебе?“
8Зар си подобра од Но-Амон, кој лежи меѓу речните ракави на Нил; чиј окоп е морето, и тоа му служеше како ѕид.
9ⓧЕтиопија и Египет со безбројно множество луѓе ти служеа како поткрепа; а и народите на Пут и Либија ти идеа на помош.
10ⓨПа сепак и таа отиде во ропство; дури и децата ѝ се здробени — по сите градски крстосници; а за првенците нејзини фрлија ждрепка, и сите големци се во вериги оковани.
11И ти така ќе се опиеш и ќе се криеш; и ќе бараш засолниште од непријателите свои.
12Сите твои градови се како смокви со зрели плодови: ако ги затресеш, ќе паднат право во устата на оној што сака да ги јаде.
13ⓩПогледни си го народот: во твојот дом се само жени, на непријателите твои ширум им се отвораат портите на земјата, и оган ги проголта твоите резиња.
14Зафати си вода за опсадата; зацврсти ги тврдините; влези во кал, гази глина, направи калапи за печење тули.
15ⓐТаму оган ќе те проголта, меч ќе те исече, ќе те изеде како гасеница, макар и да сте се намножиле како гасеници, па и да сте се намножиле како скакулци.
16Трговците во тебе се повеќе од ѕвездите на небото; но тие како скакулците ќе се распрскаат и ќе одлетаат.
17И кнезовите твои се како скакулци, а војводите — како рој мушички, кои во студено време се гнездат во пукнатини, а кога ќе изгрее сонцето се разлетуваат, и нема да го распознаеш местото каде што биле.
18Спијат твоите пастири, царе асирски, почиваат твоите големци; твојот народ се распрснал по горите, и нема кој да го прибере.
19ⓑНема лек за твојата рана, лута е раната твоја. Сите, што ќе чујат за тебе, ќе ракоплескаат, зашто кој можеше да се спаси од твојата сурова свирепост?