1ⓙВо дваесеттата година од царувањето на Артаксеркс, во еден ден од месецот нисан, имаше пред мене вино. Јас го зедов виното и му го подадов на царот, и бев натажен пред него.
2А царот ме праша: „Зошто ти е нажалено лицето, иако не си болен? Тоа може само да значи дека имаш тага на срцето.“ Јас многу се уплашив
3ⓚи му реков на царот: „Вечно да си жив, царе! Како да не ми биде тажно лицето кога градот, домот, каде што се гробовите на предците мои, е запустен и портите негови со оган се изгорени!“
4И царот ми рече: „Па што бараш?“ Јас се помолив на небесниот Бог
5и му одговорив на царот: „Ако му е угодно на царот, и ако твојот слуга нашол благоволение пред лицето твое, тогаш испрати ме во Јудеја, во градот, каде што се гробовите на предците мои за да го изѕидам.“
6ⓛИ ми рече царот пред царицата, која седеше до него: „Колку време ќе трае патот твој, и кога ќе се вратиш?“ И царот се согласи да ме пушти, откако го определив времето.
7Тогаш му реков на царот: „Ако благоволи царот, нека ми се даде писмо до управителите на областа зад Реката за да ми дозволат да минувам, додека стигнам до Јудеја,
8ⓜи писмо до Асаф, чуварот на царските шуми, да ми даде дрва за вратите на тврдината што е кај Божјиот дом, и за градските ѕидишта, и за куќата, во која ќе живеам.“ И царот ми даде, бидејќи раката на Бога беше над мене.
9ⓝКога стигнав кај управителите на областа зад Реката, им ги предадов царските писма. А царот беше испратил со мене воени началници со коњаници.
10ⓞКога го слушнаа тоа Санавалат, хорончанецот и Товија, амонски роб, им стана многу непријатно што дошол човек да се грижи за доброто на синовите Израелови.
11Пристигнав во Ерусалим и останав таму три дни.
12Потоа станав ноќе со неколку мажи, што беа со мене, и никому не му кажав што ми ставил Бог на срце да направам за Ерусалим; а немаше никакво добиче со мене, освен она на кое јавав.
13ⓟТака минав ноќе преку Долинските Порти накај Изворот на Змејот и низ Гноишните Порти, ги разгледав разрушените ѕидишта на Ерусалим и изгорените негови порти со оган.
14И дојдов до Изворните Порти и до царскиот базен, но таму немаше место да мине добичето што беше под мене;
15и се вратив назад по долот ноќе и ги разгледав ѕидиштата и, откако минав пак низ Долинските Порти, се вратив.
16Но старешините не знаеја, каде одев и што правев: дотогаш не им бев открил ништо ни на Јудејците, ниту на свештениците, ниту на првенците, ниту на началниците, ниту на другите што беа задолжени околу таа работа.
17ⓠЗатоа им реков: „Гледате во каква неволја се наоѓаме; Ерусалим опусте, и портите негови со оган се изгорени; да одиме и да ги изградиме ѕидовите на Ерусалим, та да не бидеме веќе за срам.“
18ⓡИ им раскажав дека добрата рака на мојот Бог беше над мене, — и за зборовите на царот што ми ги кажа. Па им реков: „Да станеме и да градиме!“ Тогаш им се зацврстија рацете за општо добро дело.
19ⓢКога го слушнаа тоа Санавалат хорончанецот и Товија, амонски роб, и Гешем Арабјанецот, ни се потсмевнуваа и рекоа со презир: „Што сакате да направите? Мислите ли да кренете бунт против царот?“
20ⓣЈас им одговорив и реков: „Небесниот Бог, Тој ќе ни помогне, и ние, слугите Негови, чисти ќе почнеме да ѕидаме, а за вас нема да има ни дел, ни право, ни спомен во Ерусалим.“