1ⓝКога настапи седмиот месец, и синовите Израелови беа населени по градовите, се собра сиот народ еднодушно на плоштадот што се наоѓа пред Водните Порти, и му рекоа на книжникот Ездра да ја донесе книгата на Мојсеевиот закон, која Господ му ја беше дал на Израел.
2ⓞИ свештеникот Ездра го донесе законот пред собранието од мажи, жени и сите што можеа да разбираат, во првиот ден на седмиот месец;
3и читаа од него на плоштадот што е пред Водните Порти, од осамнување до пладне, пред мажите, жените и сите што можеа да разберат; и сиот народ со внимание ја слушаше книгата на законот.
4ⓟКнижникот Ездра стоеше на повисоко место што се приготви за таа цел, а до него десно стоеја Матитија, Шема, Анаја, Урија, Хелкија и Маасеја, а лево од него — Федаја, Мисаил, Малкија, Хашум, Хашбадана, Захарија и Мешулам.
5ⓠЈа отвори Ездра книгата пред очите на сиот народ, зашто тој стоеше повисоко од сиот народ. А кога ја отвори, сиот народ стана.
6ⓡТогаш Ездра Го благослови Господа, Великиот Бог. И сиот народ одговараше: амин, амин, — кревајќи ги рацете нагоре, поклонувајќи се и паѓајќи ничкум доземи пред Господ.
7ⓢА левитите Јешуа, Ваниј, Шеревија, Јамин, Акув, Шабетај, Ходија, Маасеја, Келита. Азарија, Јозавад, Ханан, Пелаја му го објаснуваа законот на народот, а народот стоеше на местата свои.
8И читаа разбирливо од книгите, од законот Божји, и даваа толкување, и народот го разбираше прочитаното.
9ⓣТогаш Неемија, и книжникот Ездра, свештеник, и левитите, кои го поучуваа народот, му рекоа на сиот народ: „Овој ден е свет пред Господ, вашиот Бог; не тажете и не плачете,“ — зашто сиот народ плачеше, слушајќи ги зборовите на законот.
10ⓤИ им рече: „Одете, јадете добри јадења и пијте добри пијалаци, и испратете им и на оние што немаат приготвено, зашто овој ден е свет пред нашиот Господ. Не тажете, зашто радоста пред Господ е поткрепа за вас.“
11И левитите го утешуваа сиот народ, велејќи: „Престанете, зашто овој ден е свет, не тажете.“
12ⓥИ појде сиот народ да јаде и да пие и да дели и на оние што немаа и да празнува со голема радост, зашто ги разбраа зборовите што им ги кажаа.
13На другиот ден се собраа старешините на родовите од сиот народ, свештениците и левитите кај книжникот Ездра, за да им ги објасни зборовите на законот.
14ⓦИ го најдоа напишаното во законот што Господ го беше дал преку Мојсеј дека на празникот во седмиот месец синовите Израелови треба да живеат во колиби.
15Затоа објавија и разгласија по сите свои градови и во Ерусалим, велејќи: „Одете во гората и донесете вејки од питома маслина, вејки од дива маслина, вејки миртови, вејки палмови и вејки од други широколисни дрвја за да направите колиби според запишаното.“
16Отиде народот и донесоа, та си направија колиби, секој на покривот свој и во дворовите свои, и во дворовите на Божјиот дом, и на плоштадот кај Водните Порти, и на плоштадот кај Ефремовите Порти.
17Целата заедница на оние, што се беа вратиле од пленство, направи колиби и живееја во колиби. Од дните на Исус, синот Навинов, та до тој ден не беа правеле така синовите Израелови. Радоста беше многу голема.
18ⓧИ читаа од книгата на законот Божји секој ден, од првиот ден до последниот. И го празнуваа празникот седум дена, а на осмиот ден — се одржа собор според уредбата.