Осија 10:1-15 MKDB2006 - Bible AI

1Израел е рагранета лоза; колку повеќе таа има плод, толку повеќе се умножуваат жртвениците; колку му е поплодна земјата, толку по­веќе се украсуваат идолите.

2Измамничко е срцето нивно, и затоа ќе бидат казнети: Тој ќе ги разруши нивните жртвеници, ќе ги здроби идо­лите нивни.

3Сега тие велат: „Немаме цар, зашто немавме страхопочит кон Господ, а и зошто ни е цар?“

4Зборуваат, даваат лажни завети, склучуваат сојузи; правдата се претворила во неправда и расте по браздите на нивните ниви.

5За телето во Бет-Авен ќе плачат жителите на Самарија; ќе заплаче за него народот негов, и жреците негови, кои се радуваа со него, ќе плачат по славата негова, зашто неа ќе ја снема од него.

6И тој самиот ќе биде врзан и одведен во Асирија како дар на големиот цар; посрамен ќе биде Ефрем, и ќе се засрами Израел поради својата одлука.

7Уништена е Самарија, нејзиниот цар ќе биде исфрлен како лушпа на површината на водата.

8И ќе бидат истребени идолските светилишта на Авен, гревот Израелов; во трње и боцки ќе обраснат жртве­ниците негови, па ќе им речат на планините — покријте нѐ, а на ридовите, паднете врз нас!

9Повеќе згреши, Израеле, отколку во деновите на Гива; а и таму да запреше, немаше ли да те стаса војна, како и беззакониците гивејски?

10Ќе ги казнам како што ќе посакам; ќе се соберат против нив народите, и тие ќе бидат казнети поради двојниот нивни престап.

11Ефрем е обучена јуница, свикната да врши, и Јас Самиот на нејзиниот убав врат ќе ѝ ставам амут; па Ефрем ќе влече, Јуда ќе ора, а Јаков ќе ја дроби земјата.

12Сејте правда — па ќе жнеете милост; разорувајте нова земја, време е да Го побарате Господа, и така Тој, штом ќе дојде, да ве облее со благослов.

13Оравте безбожност, жнеевте беззаконие, јадевте плод на лагата, зашто ти се надеваше на своите коли, на многуте војници.

14И ќе дојде војна на твојот народ, и сите твои тврдини ќе бидат разрушени, како што Шалман го разруши Бет-Ар­бел во денот на битката: мајка биваше убивана заедно со децата.

15Ете, така ќе ви направам, доме Израелов, поради неправдата ваша; во рани зори ќе загине царот Израелов.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
iv>