Осија 4:1-19 MKDB2006 - Bible AI

1Чујте го словото Господово, синови Израелови; зашто Господ ќе им су­ди на жителите од оваа земја, зашто нема ни вистина, ни милосрдие, ниту знаење за Бога на земјата.

2Клетва и измама, убиство, кражби и прељубодејства многу се распространија, и една крв по друга крв се лее.

3Затоа таа земја ќе тагува, и ќе гинат сите што живеат на неа, заедно со полските животни и птиците небески; дури и рибите во морето ќе загинат.

4Но никој да не се суди и никој никого да не обвинува; но со тебе свеште­нику, морам да се судам!

5Ти ќе се препнуваш дење, и со тебе пророкот се препнува ноќе, а Јас ќе ја погубам твојата мајка.

6Мојот народ гине што нема разум, зашто ти си го отфрлил разумот, и Јас ќе те отфрлам од Моето свештенство; бидејќи го заборави законот на својот Бог, и Јас ќе ги заборавам децата твои.

7И колку повеќе се размножуваа, толку повеќе и грешеа против Мене; затоа славата нивна ќе ја претворам во срам.

8Тие се хранат со гревовите на Мојот народ, и кон беззаконијата негови се стреми душата нивна.

9И што ќе стане со народот, тоа ќе се случи и со свештеникот; ќе го казнам според патиштата негови и ќе му платам според делата негови.

10Ќе јадат — и нема да се наситуваат; ќе блудствуваат и нема да се раз­множуваат, зашто престанаа да Му слу­жат на Господ.

11Блудството, виното и пијалаците ги овладеале срцата нивни.

12Мојот народ се обраќа до парче др­во, и неговиот жезол му дава одговор; зашто духот на блудството ги вовел во заблуда, па блудствувајќи, тие отстапија од својот Бог.

13Принесуваат жртви по планинските врвови и по ридовите, кадат под даб, то­пола и брест, зашто тие имаат добри сенки; затоа ќерките ваши блудствуваат, а снаите ваши прељубодејствуваат.

14Нема да ги казнувам ќерките ваши кога блудствуваат, и снаите ваши кога прељубодејствуваат, зашто вие самите сте блудници и со љубовници принесувате жртви, а простиот народ гине.

15Ако ти, Израеле, блудствуваш, Јуда барем да не греши; и не одете во Гилгал, не влегувајте во Бет — Авен и не колнете се со клетвата: жив е Господ!

16Израел е тврдоглав како упорна ју­ница; па како да ги пасе Господ како јагниња на широка ливада?

17Ефрем се поврзал со идолите; остави го!

18После пијанството нивно му се предаваат на блудството; повеќе го сакаат срамот отколку честа.

19Ветрот ќе ги притегне со крилјата свои, и тие ќе се засрамат од своите пагански жртви.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
v>