Осија 9:1-17 MKDB2006 - Bible AI

1Не радувај се, Израеле, со преголема веселба како другите народи, зашто блудствуваш, откако отстапи од својот Бог — и ги засака даровите од блуд по сите житни гумна.

2Гумното и кацата нема да ги на­хранат, а виното ќе ги измами.

3Тие нема веќе да живеат во земјата Господова: Ефрем ќе се врати во Еги­пет и во Асирија ќе јадат нечисто.

4Нема да вршат преливи со вино за Господ, и неугодни ќе Му бидат жртви­те нивни; лебот ќе им биде како леб на нажалени: сите што ќе го јадат, ќе се осквернуваат, зашто нивниот леб е само за душите нивни, а во домот Господов тој нема да се внесе.

5Што ќе правиш во деновите на соби­рите и во деновите на празниците Гос­подови?

6Зашто сите ќе си заминат пред запустувањето; Египет ќе ги прибере, Мемфис ќе ги погребе; нивните сребрени драгоцености коприви ќе ги прекријат, во шаторите нивни ќе обраснат трнливи грмушки.

7Дојдоа деновите на твојата казна, дојдоа деновите за одмазда. Нека раз­бере Израел дека е глупав претска­жувачот, безумен е оној што изјавува дека е вдахновен, поради многуте ваши беззаконија и големата омраза.

8Бог ме испрати како пророк, за да го предупредам Неговиот народ Израел. Но тие насекаде мрежа ми поставуваат, дури и во Божјиот дом му се противат на пророкот.

9Многу ниско паднаа, останаа раз­вратни како во деновите на Гива; но Тој ќе се присети за нивните беззаконија, ќе ги казни за нивните гревови.

10Како грозје во пустина го најдов Израел; како ран плод на смоква, ги видов Јас татковците нивни, но тие отидоа кај Ваал-Пеор и се оддадоа на срамни работи, па и самите станаа нечисти како и нивните љубимци.

11Славата на Ефрем ќе одлета како птица; нема да има кај нив ни раѓање, ни бременост, ниту зачнување.

12Па макар и да одгледаат деца свои, Јас ќе ги одземам; зашто тешко ним, кога ќе ги оставам.

13Ефрем е како да го гледам Тир, се поставил на убаво место; но Ефрем ќе ги изведе децата свои на клање.

14Дај им, Господи, а што да им да­деш? Дај им утроба што не раѓа, и — суви гради.

15Сето зло им е во Гилгал; таму ги замразив Јас поради нивните лоши дела; ќе ги изгонам од Мојот дом, нема повеќе да ги сакам; сите нивни кнезови се отстапници.

16Поразен е Ефрем; се исуши коре­нот нивни — плод нема да имаат; и ако родат, Јас ќе го умртвам нивниот сакан плод во утробата нивна.

17Ќе ги отфрли мојот Бог, зашто тие не Го послушаа, па затоа ќе скитаат меѓу народите.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
v>