Откровение 13:1-18 MKDB2006 - Bible AI

1И видов како од морето излегува ѕвер со седум глави и десет рого­ви; на роговите негови имаше десет круни, а на главите негови — богохулни имиња.

2Ѕверот што го видов прилегаше на леопард: нозете му беа како кај мечка, а устата — како уста на лав. И змевот му ја даде силата своја, и престолот свој, и голема власт.

3И видов дека една од главите негови како да беше смртно ранета, но таа смртна рана му заздраве. Тогаш се зачуди целата земја и тргна по ѕверот;

4и му се поклонија на змевот, кој му беше дал власт на ѕверот; му се поклонија и на ѕверот, велејќи: „Кој е како ѕверот, и кој може да војува со него?“

5Нему му се даде уста што зборуваше големи зборови и богохулства; и му се даде власт така да прави четириесет и два месеци.

6Тогаш ја отвори устата за хулење против Бога за да го навредува името Негово, живеалиштето Негово и оние што живеат на небото.

7И му се даде да војува против светиите и да ги победи; му се даде власт над секое колено, јазик и народ.

8И ќе му се поклонат сите земни жители, чии имиња не се запишани во книгата на животот на Јагнето заклано, од создавањето на светот.

9Кој има уво, нека чуе:

10кој во прогонство води, во прогонство ќе биде одведен; кој со меч убива, од меч треба да биде убиен. Тука е трпението и верата на светиите.

11И видов друг ѕвер како излегува од земјата. Тој имаше два рога како кај јагне и зборуваше како змевот.

12Ја извршува сета власт на првиот ѕвер во негово присуство и ја присилува целата земја и жителите нејзини да му се поклонат на првиот ѕвер, чија смртна рана се беше исцелила;

13и правеше големи чуда, па дури и оган симнуваше од небото на земјата пред луѓето.

14И ги мамеше земните жители со чудата што му беа дадени да ги врши пред ѕверот, велејќи им на земните жители да му направат биста на ѕверот, кој имаше рана од меч и остана жив.

15И му се даде да вложи дух во бистата на ѕверот, та да прозборува тој и да направи да бидат убиени оние кои нема да се поклонат пред бистата на ѕверот.

16И ќе направи на сите — мали и големи, богати и сиромаси, слободни и робови — да им се стави белег на десната рака или на челата нивни,

17та никој да не може ни да купува, ниту да продава, освен оние што го имаат тој белег, или името на ѕверот, или бројот на името негово.

18Тука е мудроста. Кој има ум, нека го пресмета бројот на ѕверот, бидејќи е број на човек, и бројот му е шестотини шеесет и шест.

e>