1ⓞА по ова видов како слегува од небото друг ангел кој имаше голема власт: и земјата светна од неговиот болскот.
2ⓟИ извика силно, зборувајќи со висок глас: „Падна, падна великиот Вавилон, и стана ѓаволско живеалиште и засолниште на секаков нечист дух, врталиште на сите нечисти и гадни птици;
3ⓠзашто со отровното вино на своето блудство ги напои сите народи. И царевите земни блудствуваа со неа, а трговците земни се збогатија од нејзината голема раскош!“
4ⓡИ чув друг глас од небото како вели: „Излезете од неа, луѓе Мои, за да не соучествувате во гревовите нејзини, и да не добиете од казните нејзини;
5ⓢбидејќи гревовите нејзини стигнаа до небото, и Бог си спомна за неправдите нејзини.
6ⓣПлатете ѝ како што и таа ви плати вам и дајте ѝ двојно онолку за делата нејзини; со чашата, со која ве служеше, послужете ја двојно.
7ⓤКолку што се прослави и живееше раскошно, толку мака и јад вратете ѝ. Зашто во срцето свое вели: ‚Седам како царица, вдовица не сум и мака нема да видам.‘
8ⓥЗатоа во еден ден ќе ја сполетаат казните; смрт, жалост и глад, и ќе биде изгорена во оган, зашто силен е Господ Кој ја суди.
9ⓦИ ќе заплачат и ќе заридаат по неа царевите земни, кои блудствуваа со неа и живееја раскошно, кога ќе го видат димот од горењето нејзино;
10и стоејќи оддалеку, од страв пред нејзините маки ќе велат: ‚Тешко, тешко, голем граде Вавилоне, граде силни, зашто во еден час дојде пресудата твоја!‘
11ⓧИ трговците земни ќе плачат и ридаат за неа, бидејќи стоките нивни нема веќе никој да ги купува;
12стоки од злато и сребро, од драгоцени камења и бисери, од висон и порфир, од свила и скерлет, секакво миризливо дрво и секакви работи од слонова коска: секакви изработки од скапоцено дрво, од бакар, железо и мермер;
13и цимет и темјан, миро и ливан, вино и масло, брашно и пченица, говеда и овци, коњи и коли, тела и души човечки.
14И овошјата, за кои душата ти копнееше, повеќе ги немаш, и сето богатство и сјај исчезнаа за тебе, и нема веќе да ги најдеш.
15ⓨТрговците, кои со тие стоки се збогатија од неа, ќе стојат оддалеку од страв пред маките нејзини, и плачејќи, и ридајќи
16ⓩќе зборуваат: ‚Тешко, тешко тебе, граде голем, облечен во свила, порфир и скерлет, украсен со злато, драгоцени камења и бисери,
17ⓐзашто во еден миг пропадна толку големо богатство!‘ И сите сопственици на кораби, и сите патници во корабите, и морнарите, и оние што тргуваат по море, застанаа оддалеку
18ⓑи викаа, па гледајќи го димот од горењето негово, велеа: ‚Кој беше како овој голем град?‘
19ⓒИ ги посипаа главите свои со пепел и со плачење викаа и велеа: ‚Тешко, тешко тебе, граде голем со чии скапоцености се обогатија сите што имаа кораби по море; зашто за еден миг запусте!‘
20ⓓВесели се поради тоа, небо, и вие светии и апостоли и пророци, зашто Бог ги заштити вашите права!
21ⓔТогаш еден силен ангел подигна еден камен, голем како воденички камен, па го фрли во морето и рече: ‚Со такво бучење ќе биде сринат Вавилон, големиот град, и ќе го нема веќе!‘
22ⓕИ глас на харфисти, пејачи, свирачи и трубачи во тебе нема веќе да се чуе; никаков уметник од која и да е уметност нема веќе да се најде во тебе, шум од воденичен камен нема веќе да се чуе во тебе.
23ⓖИ светлина од светила нема веќе да осветлува во тебе, и глас на младоженец и невеста нема веќе да се чуе во тебе, бидејќи трговците твои беа големи луѓе на земјата, зашто преку твоите магии се заблудија сите народи.
24ⓗИ во него се најде крв на пророци и светии, а и на сите што беа погубени на земјата.“