1ⓙИ видов во десницата на Оној Кој седеше на престолот, книга напишана однатре и однадвор, запечатена со седум печати.
2И видов силен ангел што викаше со висок глас: „Кој е достоен да ја отвори книгата и да ги скрши печатите нејзини?“
3ⓚИ никој не можеше ниту на небото, ниту на земјата, ниту под земјата, да ја отвори книгата, ниту, пак, да ја гледа.
4И јас многу плачев, што никој не се најде достоен да ја отвори и да ја прочита таа книга, ниту да ѕирне во неа.
5ⓛА еден од старешините ми рече: „Не плачи! Ете, Лавот, Кој е од Јудиното колено, Коренот Давидов, победи да ја отвори книгата и да ги скрши нејзините седум печати!“
6ⓜПогледав, и ете, сред престолот и четирите животни и сред старешините стоеше Јагнето, како заклано, со седумте рога и седумте очи, кои се седумте духови Божји, пратени по целиот свет.
7ⓝТој дојде и ја зеде книгата од Оној, Кој седеше на престолот.
8ⓞИ кога ја зеде книгата, четирите животни и дваесет и четирите Старешини паднаа пред Јагнето, држејќи секој од нив харфа и златни чаши, полни со темјан, кои се молитвите на светиите;
9ⓟи пееја нова песна, велејќи: „Достоен си да ја земеш книгата и да ги скршиш нејзините печати, зашто Ти беше заклан и со Својата крв нѐ откупи за Бога од секое колено, јазик, народ и племе,
10ⓠи нѐ направи пред нашиот Бог цареви и свештеници, и ќе царуваме на земјата!“
11ⓡПотоа видов и чув глас на многу ангели околу престолот и околу животните и старешините, а бројот им беше илјадници и милиони,
12ⓢкои зборуваа со висок глас: „Достојно е закланото Јагне да прими сила и богатство, мудрост и моќ, чест, слава и благослов!“
13ⓣИ секое создание на небото и на земјата, под земјата и во морето, и сѐ што е во нив, чув како зборува: „На Оној Кој седи на престолот, и на Јагнето — благослов и чест, слава и владеење во сите векови!“
14А четирите животни велеа: „Амин!“ И дваесет и четирите старешини паѓаа и Му се поклонуваа на вечно Живиот.