1ⓕЗатруби и петтиот ангел, и видов ѕвезда како падна од небото на земјата. И ѝ беше даден клучот од кладенецот на бездната;
2ⓖпа го отвори кладенецот на бездната, и од кладенецот излезе дим како дим од голема печка; сонцето и воздухот потемнеа од димот на изворот.
3ⓗИ од димот се појавија скакулци по земјата, и им се даде власт, каква што имаат земните скорпии.
4ⓘИ им се рече да не ја повредуваат тревата по земјата, ниту какво и да било зеленило, ниту некое дрво, а само оние луѓе, кои немаат печат Божји на челата свои.
5И им се даде не да ги убиваат, туку само да ги мачат пет месеци; и мачењето нивно беше како мачење од скорпија, кога ќе касне човек.
6ⓙВо тие дни луѓето ќе ја бараат смртта, но нема да ја најдат; ќе посакаат да умрат, но смртта ќе бега од нив.
7ⓚПо својот облик скакулците личеа на коњи приготвени за војна: на главите нивни имаше нешто слично на златни венци, а лицата им беа како лица човечки;
8ⓛимаа коси како косите на жени, а забите им беа како заби на лавови.
9ⓜИ имаа оклопи како оклопи од железо; а шумот на нивните крилја беше како шум на коли со многу коњи кога трчаат во војна.
10Имаа, пак, опашки како скорпиите, а на опашките осила и им беше дадена сила да им пакостат на луѓето пет месеци.
11И за цар над себе го имаа ангелот на бездната; името негово по еврејски е Авадон, а по грчки — Аполион[2].
12ⓝЕдното зло помина, еве идат уште две зла по него.
13ⓞИ шестиот ангел затруби, и чув еден глас од четирите рога на златниот жртвеник, што е пред Бога,
14ⓟкој му зборуваше на шестиот ангел, кај кого беше трубата: „Ослободи ги четирите ангели, врзани кај големата река Еуфрат!“
15И беа одврзани четирите ангели, кои беа приготвени за часот и денот, за месецот и годината, за да убијат една третина од луѓето.
16Бројот на коњаниците беше двесте милиони — го чув нивниот број.
17И така во видение ги видов коњите и оние кои јаваа на нив, што имаа оклопи огнени и синкасти и сулфурни. Главите на коњите личеа на глави од лавови, а од устата нивна излегуваше оган, дим и сулфур.
18А од тие три зла — огнот, димот и сулфурот, што излегуваа од нивната уста, умре една третина од луѓето,
19бидејќи нивната сила беше во нивната уста, а опашките нивни, што личеа на змии, имаа глави со кои пустошеа.
20ⓠⓡА другите луѓе, што не загинаа од тие зла, не се покајаа за делата на рацете свои, та да не се поклонуваат ни на ѓаволи ни на идоли златни и сребрени, бронзени, камени и дрвени, кои не можат ниту да гледаат, ниту да слушаат, ниту, пак, да одат;
21и не се покајаа ни за убиствата свои, ниту, пак, за вражбите свои, ниту за блудството свое, ниту за кражбите свои.