Песна над песните 7:1-14 MKDB2006 - Bible AI

1Хорот: Сврти се, сврти се Суламитко, сврти се, сврти се, да те по­гледаме! Возљубениот: Зошто сакате да ја гледате Суламитката, како на оро манаимско?

2Хорот: О, колку се убави нозете твои во сандали, ќерко знаменита! Облите колкови твои се како прстени, направени од рацете на вешт уметник,

3папокот ти е како чаша тркалезна, никогаш без арома; утробата твоја — купа пченица, опкружена со кринови;

4двете твои гради — како две јаренца, како близначиња на срна.

5Вратот твој — како столб од слонова коска; очите твои — хешбонски езерца кај Бат-Рабимските порти; носот твој — леванонска кула, свртена кон Дамаск;

6главата твоја на тебе — како Кармил; а косата на главата твоја — како пурпур; и царот се заплетка во нејзините плетенки.

7Возљубениот: О, колку си убава, о, колку си заносна, возљубена моја, со твојата убавина!

8Таа твоја снага прилега на палма, а твоите гради — на гроздови.

9Си помислив: да се качев на палма, би се фатил за ветките нејзини; и твои­те гради би биле место гроздови, и ми­рисот од твоите ноздри — како мирис на јаболко;

10устата твоја е како најдобро вино. Возљубената: Тоа тече право кон воз­љубениот мој, и тече нечујно пре­ку ус­ните кои спијат.

11Јас припаѓам на возљубениот мој, и тој копнее по мене.

12Дојди, мил мој, да излеземе во по­лето, да ноќеваме во селските колиби;

13утре рано ќе појдеме во лозјата, да видиме дали потерала лозата, дали се отвориле пупките, процутеле ли калин­ките; таму ќе те опсипам со милувања.

14Мандрагорите веќе шират пријатен мирис, и до вратата наша има секакви најубави плодови, нови и стари; кои ги зачував за тебе, мил мој!

article>