Повторени закони 20:1-20 MKDB2006 - Bible AI

1Кога ќе излезеш во војна против непријателите твои и ќе видиш коњи и бојни коли, и многу луѓе, повеќе од тебе, не плаши се од нив, бидејќи Господ, твојот Бог, Кој те изведе од египетската земја, е со тебе.

2Кога, пак, претстои борба, свеште­ни­кот нека се приближи и нека му зборува на народот,

3и да му каже: „Слушај, Израеле, вие денес влегувате во бој против вашите непријатели: да не ослабува срцето ва­ше, не плашете се, не збунувајте се и нека не ве фати паника од нив,

4бидејќи Господ, вашиот Бог, оди со вас, за да се бори за вас против вашите непријатели и да ве спаси.“

5Надзорниците, пак, нека му речат на народот, и нека му кажат: „Кој изгра­дил нова куќа и не се вселил во неа, нека си оди и да се врати во домот свој, за да не умре во бојот, па друг да се всели во неа;

6и кој насадил лозје и не го берел, нека си оди и нека се врати во домот свој, за да не умре во бојот, па друг да собере сѐ;

7и кој се свршил и не се оженил, нека си оди и нека се врати во домот свој, за да не умре во бојот, па друг да ја земе свршеницата негова.“

8Надзорниците нека му кажат уште на народот и нека му речат: „Кој е плашлив и малодушен, нека си оди и нека се врати во домот свој, за да не ги направи плашливи срцата на браќата свои, како неговото срце.“

9Откако надзорниците ќе му го ка­жат тоа на народот, да изберат воени началници за да го водат народот.

10Кога ќе се приближиш до некој град, за да го преземеш, предложи му мир.

11Ако се согласи на мир со тебе и ти ги отвори портите, целиот народ што се наоѓа во него, ќе ти плаќа данок и ќе ти работи.

12Ако, пак, не се согласи на мир со тебе, и почне да војува против тебе, опколи го;

13и, кога Господ, твојот Бог, ќе го предаде во рацете твои, погуби со сечилото на мечот сѐ што е машко кај него;

14само жените и децата, добитокот и сѐ што има во градот, запленете го за себе и користи се со пленот на непријателите свои, кои Господ, твојот Бог, ти ги предал.

15Така постапи со сите градови, што се многу далеку од тебе, а кои не се градови на тие народи.

16Но во градовите на оние народи, кои Господ, твојот Бог, ти дава да ја наследиш земјата нивна, не оставај ни една жива душа,

17туку предај ги на проклетство: Хитијците, Аморејците, Хананците, Пе­ри­зијците, Евејците и Јевусијците, како што ти беше заповедал Господ, твојот Бог,

18за да не ве научат да правите такви гнасотии, какви што тие правеле за своите богови, за да не грешите и вие пред Господ, вашиот Бог.

19Кога опсадуваш долго време некој град, за да го преземеш и завладееш, не сечи ги дрвјата негови, што се во шумата, туку користи ги плодовите нивни за храна, и не опустошувај ја околината, бидејќи дрвото во полето не е човек, за да избега од тебе во тврдината;

20само оние дрвја, за кои знаеш дека не даваат никакви плодови, можеш да ги сечеш и од нив да правиш опсадни направи за градот, кој војува со тебе, сѐ додека не го покориш.

article>